Дури и добро обучениот антрополог може да 'клоне духом' пред огромниот примарен материјал, разгранетите дијаграми и математичките формули кои ги користи Строс за да објасни навидум едноставни концепти, кои кога се меѓусебно времежени и спротивставени добиваат сосема нови димензии. Во тоа е и смислата на структурализмот за чиј 'татко' во антропологијата се смета токму Леви-Строс – тоа е теориски пристап користен во повеќе општествени науки кој третира одреден културен феномен како комплексен систем кој се состои од меѓусебно поврзани делови. Истовремено структурализмот се обидува да покаже дека структурата на човечката мисла е иста во сите култури, и дека овие ментални процеси често пати имаат облик на бинарни опозиции, како машко:женско, горе:долу, црно:бело.
За да биде појасно, еве еден пример од македонско тло: во збирката преданија на Цепенков постои едно кое го опишува создавањето на денот и ноќта: „Господ имал две клопчиња, едното бело а друго црно; белото било врзано за црното. Кога ќе го одвиткал белото ќе било ден а кога ќе го одвиткал црното ќе било ноќ. Толку многу долго било преденото, што дури да го соберел белото клопче ќе почнело да се одмотува црното и ќе било ноќе. Бидејќи врзни биле крајојте на клопчињата, кога го виткал белото зимно време Господ виткал и од црното предено на белото клопче и од тоа се малел денот а се големела ноќта. Така и лете растел денот и ноќта се малела". Ултимативната поларност во светот на боите (црно-бело) истовремено ја симболизира поларноста на светлината и темнината, денот и ноќта, зимото и летото, но важи и за сите останати спротивности врз чие, што би рекле марксистите, дијалектичко единство функционира светот.
Е сега, Леви-Строс не се занимавал со македонските, туку пред се' со митовите на јужно и северно-американските Индијанци. Па сепак, зарем овој модел на создавањето на светот, базиран врз единство на спротивности, не е карактеристичен за речиси секоја митологија која ја познаваме? Доволно е да се сетите на оној таоистички симбол, јин-јанг, кој најдобро ја илустрира опозитноста на силите кои го движат светот. Дури и физиката вели дека за да има забрзување потребно е да има некаква сила која ќе го турка она што се движи напред - светот постои и еволуира токму како резултат на меѓусебната 'борба' на силите кои го движат. „Да немаше темница не би ја милувале виделината", вели една македонска поговорка. Да немаше зло не би ја ценеле добрината. Да нема жени па ич ништо не би направиле...
Делото "Митологики" на Клод Леви-Строс многумина го оценуваат како негово најкомплексно дело. Се состои од четири книги кои иако се меѓусебно поврзани функционираат и како засебни дела: Живото и печеното, Мед од пепел, Потеклото на однесувањето на трпеза и Голиот човек. Анализирајќи стотици митови, пред сè на бразилските племиња, тој ја проширува дискусијата од неговите претходни книги за опозитниот однос на природата и културата. Претставен визуелно овој однос е јасен - во десниот агол од рингот, во зелени шорцеви природата. Во левиот агол, во пембе розе хеланки, културата. Ама што ако под 'природа' подразбереме не е една ами стотици работи, и исто го направиме и со 'културата'. Тогаш рингот ќе треба да се претвори во три стадиона, каде ќе биде тешко да се одреди кој со кого е во однос. Доволно е сложено кога природата ѝ ја спротивставуваме на културата, но што ако 'природата' дополнително ја расчлениме, па во нејзини рамки ги спротивставиме небото и земјата или водата и огинот, блиското и далечното, она што е горе и она што е долу, и ако слично расчленување како ова на природните елементи направиме и на оние културните? Токму тоа го прави Строс, обидувајќи се корелациите меѓу елементите во првата да ја 'прелее' во втората сфера, убедливо поврзувајќи ги навидум разнородните елементи на начин на кој никому претходно не му успеало.
Едно такво поврзување, кое истовремено е доминантна тема во Митологики, се случува во таканаречениот „кулинарски триаголник". Со него Строс почнува да се занимава во првиот дел - Живото и печеното - за неговата теорија за поврзаноста на кулинарството со општественото уредување и воопшто светогледот на одредена култура да достигне кулминација во Потеклото на однесувањето на трпеза. Тој триаголник се состои од следниве елементи - жива, зготвена и гнила храна, при што живата состојба претставува неодреден пол, а другите две се изразито одредени, само во спротивни насоки.
Оттаму, зготвеното според Строс, претставува екстремна културна, а гнилото екстремна природна трансформација на живото. Сепак, дефиницијата за тоа што точно се подразбира под првото, второто и третото не мора да бидат исти за сите култури.
„Неодамненото множење на италијанските ресторани нè навикна на уште попресен вкус на живата храна, отколу што ни нудеше француската кујна: станува збор за едноставно измиени и сецкани свежи плодови кои се сервираат без некакво претходно зачинување, и дури дополнително бараат обилно додавање путер и сол. Значи, под италијанско влијание, ја проширивме нашата категорија на живото. Од друга страна, настаните поврзани со истоварувањето на сојузниците во 1944 година ни откриваат дека американските војници имале поширока категорија на гнилото од нас, зашто миризбата - според нив реата на трупови - што ја ширеле нормандските фабрики за сирење, понекогаш толку ги раздразнувала, што биле решени да ги уништат", вели по малку иронично Строс.
Но триаголникот од првиот том во третиот се проширува и добива некаква чудна геометриска форма кога „зготвеното" ќе го расчлениме на неговите основни модалитети, печеното и вареното. Директно изложена на дејствувањето на огнот, печената храна со огнот се наоѓа во директен, непосредуван однос, за разлика од варената која е резултат на процес кој бара двоен посредник - вода во која се потопува, и сад што ќе ги спои. Оттаму печеното може да се стави на страната на природата, а вареното на страната на културата. Токму од ова Строс изведува заклучок дека цивилизациски печењето, особено она на жар, било пред варењето, за кое е потребно сад, кој е културен производ. Токму затоа изгледа дека преводот на Le Cru et le cuit како Живото и печеното иако и јазички и од аспект на првиот том е коректно, во светлината на третиот веќе не е најсоодветно - имено, основната опозиција за која зборува Строс е всушност онаа помеѓу сировото и зготвеното, како во англискиот превод на овој наслов кој гласи The Raw and the Cooked, при што вториот термин означува генерална термичка обработка на храна, без оглед дали е тоа со пржење, варење, чадење или печење.
Кој друг ако не Француз-антрополог би можел да ги воочи толку суптилните нијанси на кулинарството? Ова се секако само основните елементи врз кои Строс гради една огромна, според неговите критичари често неодржлива конструкција. Иако структурализмот одамна не е 'ин' во академските кругови, Клод Леви-Строс останува ретка поп-икона на општествените науки. Неговите идеи повлијаеле низа генерации во антропологијата и сродните дисциплини, и претставувале основа на која се надворзале пост-структуралистите.
„Мразам патувања и истражувачи" е една од славните изреки на овој ерудит, кој поголемиот дел од својот живот го минал токму патувајќи и истражувајќи. „Ниту еден контакт со дивите индијански племиња не ми остави толку впечаток отколку утрото кое го минав со една старица целата обвиткана во волна, која се споредуваше со изгниена харинга заробена во парче мраз", вели тој, пластично опишувајќи ја ситуацијата во која се нашле повеќето антрополози обидувајќи се да ја разберат културата и однесувањето на "Другиот".
Клод Леви-Строс почина пред неколку дена на 100 годишна возраст. Последните години ги минал во осама, веројатно веќе уморен и од науката и од животот. Луциден до последниот миг, во едно од последните интервјуа тој има изјавено: „Денес регистрираме ужасно исчезнување на живиот свет, а густината на човечките суштества е толку голема што ние веќе почнуваме да се гушиме меѓусебе. Светот во кој го завршувам моето постоење веќе не е свет кој го посакувам".
Нека во следниот му биде подобро...