Букбокс читанка

КАКО СЕ ЈАДЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА? – Гостин-уредник (пак): Татјана Б. Ефтимоска

Почна вака: во јули објавивме статија за фото-серија под наслов „Фиктивни оброци", во која се визуелизира храната во неколку славни светски романи, како Оливер Твист или Алиса во земјата на чудата.

„Се обидов да се сетам на дела од македонската литература кои би можеле вака да се илустрираат, ама сè ми се чини дека нашите ликови се гастрономски страдни, за корка леб", напишав тогаш, и веднаш се посомневав во кажаното. Па не се Македонците безбели на вечна животна и книжевна диета, покрај толку гастрономски мераци на нашите софри и трпези.

И кого да прашам, ако не Тања, која и претходно покажа длабинско познавање на хедонистичкото во македонските романи, кога направи избор на 5 секси сцени од нив. Прво и ние сакавме ова да бидат фотографии, ама ај што леблебијата можеше да не ни се погоди, туку џабе што ќе ви сликавме маст, питулици со мед, колбаси и од лубеницата „попот", кога така издвоени од контекст, без луѓето, нивните зборови и водата која им оди на уста дур раскажуваат (а вам дур читате), некако не е тоа тоа. Затоа еве ги, девет превкусни гастрономски доживувања од македонската книжевност и кујна. Само не се прејадувајте, оставете место за денешното петочно Јадење книги во Пепер!

* * *
Книжевна нутриционистичка трпеза

За сите верници од гастрономска вероисповед – Честит 19 април, ден на кој го празнуваме третиот Фестивал на јадење книги. И тоа секогаш се паѓа в петок, нешто како Спасовден во четврток. За оние што постат, ова нема да биде обично читање. Ова ќе биде своевиден книжевен аџилак, проверка на цврстината на нивната вер(б)а.

Што јадат македонските ликови? Во македонската книжевност не се јаде обилно, но се јаде квалитетно и здраво. Се јаде она што е „од Бога дадено", се јаде скромно, некогаш на заедничка, семејна трпеза, а некогаш на поделена – мажи и жени, возрасни и деца. „Срамота е жена да лакоми", вели Велика од Пиреј, кога ја нудат со тава пржени пиперки, „не се умира од малку јадење, од многу срам се умира."

Во нашата култура, меѓу другите, како на вистинско медитеранско поднебје, постојат два основни култа: култот кон храната и култот кон мртвите. Најинтересно е токму нивното соединување: кога на помените, задушниците и дуовденовите на гробишта се прават цели закуски, „да им се најде на мртвите". Прекрасен, маестрален, фасцинантен парадокс: еден од најубавите начини да се слави и да се ужива во животот е токму приготвувањето и јадењето храна, а на ваквите свечености таа активност им е посветена на мртвите! Полни трпези распослани на нивните вечни постели, најблиските и помалку блиските низ чиишто образи течат солзи додека одвај можат да поземат здив од тоа што устата им е преполна со храна... Ја сакам таа гаргантуовско-пантагруеловска гротеска. И морници ме полазуваат од неа.

Кога размислував со што да започнам, неизбежен беше ликот-архетип на македонскиот инает и боемштилак, Силјан од Мало Коњари. После ги наредив сите оние сцени од кои редовно ми се пријадувало додека читам, кои на секое ново читање ме терале да станам и да го проверам долапот за храна наречен фрижидер и најпосле, како вистинска домаќинка, размислив и што да одберам за десерт. Низ книжевното мени што го приредив нема само македонска национална (читај: ориентална) кујна. Има тука и малку индиска, литванска и средноевропска кујна, има слатки, мезе и алкохол, па дури го има и најпознатиот зеленчук меѓу овошјето и највкусното овошје меѓу зеленчукот – лубеницата.

Кафе или чај, сами ќе си се сварите. И потоа не заборавајте да го раскажете тоа.

Ајде, измијте си ги рацете и повелете на книжевнава трпеза да јадеме. Да јадеме со очи и со душа. Ви пожелувам добар апетит!

1. Силјан Штркот (народна приказна)

Секое одење на пазар, Силјан, уште неслезен од коњо, прао ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас екмек и ќе си купеше тан-алва, та ќе јадеше.
– Е, кога ми е посладок сомунов со тан-алвава, бре браќа ‒ му велел на другарите си ‒ како да јадим од дома 'ржани леб?
На тие зборои и друзи Силјанои, што му 'и велел на другарите си, тие уште повеќе го насрчуале да јадит најслатки работи, чунки покрај него и тие јаделе и пиеле.

2. Крпен живот – С. Попов

Се засука Митра пак. Ја зеде тавата и маст, ѝ даде на Доста брашно и една ваганка да размати тесто за питулици и напржија еден-два саана. Митра извади еден саан цеден мед; налепи една питулица, залепи ја со друга, так-так сите со ред. Потоа ја запече малку сланината, ги нафрла во тукот колбасите и, да се покаже пред новата јатрва салам домаќинка, стана, извади од вратките на ноќвите едно грне полно со јајца и удри да крши врз колбасите. Наготви, наготви што можеше и умееше најслатко и најблаго и си вели со умот:
„Од питулици со мед, од сланина и кубаси со јајца има ли нешто послатко? И тоа со булиња и погачи на малото сито. Најстина, да има нешчо сукнато, и тоа не е лошо, токо, срчка ќе 'а јаде, нека си готве од утре сама, нека треска! Јас толку знам толку права!"
И веќе стасаа сите манџи.
– Ајде сега да се поруча! – им вели на Доста и Илка, кои беа се стиснале до ќошот и нешто си шепотеа.
Седнаа да поручаат, ама нели беше многу мрсно јадењето, а питулиците и слатки од медот, та не им даде да јадат многу. Но затоа, пак, Доста виде каде попаднала. Маст, сирење, сланина, колбаси, јајца, мед, па кога по појадокот Митра извади и јаболка, круши, ореи – изненадата немаше крај. „Ќе може да се живее овде", си рече Доста за себе.

* * *
Ристе го донесе кафето, а Бојана по него топла ракија и почна да ги служи.
– Повелете, бег, повелете, напите се, иако не е, може, сè погодено, токо ќе ни прошчавате! Ние селанките не сме толко учени да пречекаме вакви госје, токо ќе декшавате!
– А-а-а, простено-благословено! – вели бегот земајќи ја чашата од послужавникот кој беше единствен во Мариово.
– Како непогодено, џанум? Шо велиш ти? Кој попогоден од вој куќа? Жими вера, јас чудам на чорбаџи Ристе и заблазувам оти вака погодил живот. Кој живее, зерем, како вас? – И ја гледа Бојана право в очи. Таа шеретски ги подигна веѓите и се понасмеа.
Ги изреди Бојана сите гости со ред со по една ракија, повтори уште по една. Ристе веќе донесе и мезе. Не како кај Лесната: само сирење и јајца, ами извади, пезевенкот, и разни шарени шеќери, суво грозје, леблебија, смокви, та дури и еден пјат сторени пиперки.

3. Пиреј – П. М. Андреевски

И ние тргнуваме по Григора. На гладна мандија не треба да ѝ покажуваш коска. Нè воведе во една гостинска соба, бела ко јајце. На таванот виси ланско грозје, дуња и низалка смокви. Сите се едно до друго, а не се допираат. Собата му е послана и не знаеш на што мириса: на смоквите, на дуњата или на грозјето. Или на некој миски сапун, на некој див босилек.
‒ Добре дојде, ми вели Левтерија.
‒ Добре најдов, ѝ велам.
Така мене, така и на Витомира му вели.
– На крстот се сите страни од светот, вели Григор и се крсти. Кој бега од крстот, вели бега од бога, бега кај ѓаволот, вели и вади кесе тутун жолт, жолт како дукат.
Левтерија принесува ракија, леблебии и суво грозје, питулици и кисело млеко.
– Донеси и смокви, вели Григор, смокви имам да ја натепам и Бугарија и Германија и... и си го поткасува јазикот. Сакаше уште некоја држава да спомне, ама се поткаса и почна да витка тутун.
Левтерија само принесува јадење и трпезата гледаш се полни, ќе се прејати. Од тежина. Мислиш господ ќе слезе да вечера. Не знаеш што да земеш побрзо. Ќе посегнеш кон едно, па ќе се свртиш кон друго. И пак празна ќе ја собереш раката. Ја грабнуваш чашата ракија и целата в уста ја истураш. Речиси ја блиснуваш. Ракијата те стоплува околу срцето и после полека, ко некое бубаче-лазаче, ти шета по сите дамари. И оп, ти го потргнува срамот, ти ги очиклува очите. При олку јадење, си мислиш, гревота е да збираш зазабици. И земаш од ова, од она, мешаш. Мешаш смокви, мешаш леблебии, мешаш алва од печено брашно. Небаре килибар ти ги лаже очите.
...
– Донеси ги рибите, Левтеријо, вели и се свртува кон Витомира. Не плаши се, му вели на Витомир, овие риби немаат трње. Левтерија внесува една тепсија полна со риби. Околу рибите тркалцина од пресечени лимони, грејат како месечина.
– Тие Христоса го поделија, вели Григор, а не Македонија. Пушти и вино, Левтеријо, оти рибите поарно пливаат во вино, вели и се засмејува.

4. Небеска Тимјановна – Петре М. Андреевски

Стојам сега настрана со децата и сите заедно потскокнуваме. И на несакање ти се помрднува грлото, душата. Оти трпезата само се полни со јадења, јагнешко печено, дроб-сарма, тава со ориз, рогушки и смокви и што ти не. Се крева пареа над јадењата, мислиш се смее трпезата. Како и таа да се радува со нашата младост. Се потат чиниите, се зори месото, се меша мирис со мирис. И таа миризба ми ги копа непцата и ми ја полни устата со танка водичка. Речиси ми го забрзува и дишењето. Мајка отскрива бела погача, ја удира и ја гребе од жарчињата, ѝ ја дува посопта и ја сече. Првин се сече на крст, вели дедо, и за лебот е Велигден денеска.

5. Вежби за ибн Пајко – Оливера Николова

Првин си купи една симид-погача во фурната на Софрета фурнаџијата. И така не можеше да се помине крај неа од миризбите што шетаа низ целото маало, а да не се купи нешто. Погачите беа приготвени со чисто овчо масло, ама и симидите и ѓевреците сусамлии сигурно беа многу вкусни. Застана Петре малку да гледа, додека да го изгрицка со сласт највкусното мрсно мездре во симидот: можеше да проба и нешто друго, бива? Овде од целото маало се носеа разни јадења за печење. Едни донесуваа, други ги однесуваа испечените тави, тепсии со баници и со буреци, разни татлии, сомуни лебови наредени на долга штица и завиткани во топли цедила, грав-тепсиичиња, чомлеци во земјени грнчиња на кои капаците им беа залепени со тесто. Само да гледаш и да не се нагледаш. Петре си купи уште еден ѓеврек и одвај се истави од убавата глетка.

6. Индиго Бомбај – Јагода М. Георгиева

Ги положуваше слатките со спокојни движења врз пространата салфета, сета занесена, длабоко сосредоточена, како да нема никого и ништо, па дури како и неа да ја нема. Единствено нејзините прсти што ги подземаат ситните слатки од кошницата, ги редат, пак посегаат и сè така во изедначен ритам, едно по едно. Тенки, воздушесто бели снегулки од кокос, дебели сочни разгули од соино брашно, тврди, темни гулаб хамуни од просо, ситни гулаб ги, жолти аруни со оризов крем, раскошни хамаран монсе погачки наросени со кардамом, циметно мирисливи гангахал топчиња, крцкави стапчиња од сусам, триаголници од бамбусова срцевина во прегорен шеќер, ѓумбир медењачиња испрпелкани во ванилин прав...

* * *
– Но, ја разгледавте ли понудата? Ова е – покажа кон еден од садовите – манго со чили и лимон трева, мојата омилена слатко-луто-кисела комбинација. Во овој сад се зеленчуците варени во сируп од зелена папаја со ѓумбир, а овде има ориз со кари и сушена, морска, бела риба. Можете да збогатите со пилешки прсти во шафран, мешана салата од свеж, сезонски зеленчук и... – се поткрена на прсти – ах, да – се оближа – раженчиња од свински џигерчиња пржени во сусамово масло. А погачкиве се печени под црепна, ќе видите, ништо повкусно не сте пробале! – ја поттурна кон тезгата. – Бирајте, Ананда, ние сме на ред.

7. Заклученото тело на Лу – Оливера Ќорвезироска

Просеа пченкарно брашно и го замеси со жолчка од јајце. Малку солца и путерче. Додека тоа го правеше, тенџерето со внимателно исечканото пиле и зеленчук во него почна да писка на разбаботената печка. Марихен вешто го подели златното мазно тесто на еден помал и еден значително поголем дел. Малиот го иситни во топченца и кнедлите внимателно ги спушти во тенџерето. Големиот дел го расплеска во тркалезно издашно намрсено тавче, озгора натроши кашкавал, фрли грстка сусам и го пикна в рерна. Сакаше вакви дни кога наеднаш приготвува и појадок и ручек. Пченкарникот брзо ќе биде готов, ручекот, исто така. Ќе има време да поседи на креветот на Лу, да ѝ ги измасира рацете и нозете со алкохол со ментол. Да си поигра со децата, можеби попладнето да поднаправи и некој колач... Или штрудла.

8. Скриена камера – Л. Димковска

Сопственикот на малиот бел хотел е црномурен господин со мустаќи и со високо чело. За појадок неколкупати се симнува во кујната и по скалите носи големи подавалници полни пирошки, равиоли со изварка и со суво грозје, сендвичи со мирислив кашкавал со ким, розова супа, палачинки со сос од печурки, руски чај. И цели купишта грозје, банани и јаболка. „Јадете, јадете, жена ми уште готви", нè нуди, со будно око следи дали некому му снемало нешто од чинијата и веднаш притура, „како дома да сте, зашто и ние овде сме дома".

* * *
Она, повторува со треперлив глас, „простете, не го знам зборот за јадењето, никогаш никој не ми го кажал, кај нас дома се викаше само 'она'". Изгледа како добра реклама за храна додека го покажуваат она: кромид, пиперки, домати, урда и јајца, сè иситнето и испржено на масло за јадење, но кога нејзе ѝ потекуваат солзи додека си спомнува на ручекот, се гледа дека не станува збор за реклама, туку за враќање во времето. Она го јадат макајќи со леб, со убаво парче жолтеникаво сирење и со повремени потпивнувања растворен сируп од боровинки. На крај следува и замрзнато чаше сладолед, повеќе модар одошто бел, што укажува на недостиг на млеко во смесата.

9. Бостан – Б. Конески

О великиј, могучиј, правдивиј и свободниј русскиј језик! – извика еднаш Иван Сергеевич Тургенев.
А јас извикувам: О чудесни македонски бостани! О вие слачни црвени лубеници што крцкате под ножот! О вие жолти дињи бадемки полни мисковина!
...
Штом ќе дојдеа лубениците, секој ден беше за нас обележен со еден предвиден, како по обред, и сигурен час на радост и среќа. Јас бев тој што ја земаше лубеницата од визба и ја носеше во дворот, каде што нижевме тутун. Се даваше починка, ги миевме рацете на бунар од насобраниот туткал и потоа жедно загризувавме во резанките од лубеницата. Како на машко, мене ми припаѓаше и попот, слачното среде на лубеницата, чисто, без семки. Корупките му ги фрлавме на нашето магаре, врзано за скелето, и тоа веднаш почнуваше да ги рупа. Така тоа беше општа радост и наслада.

Татјана Б. Ефтимоска

19 април 2013 - 00:00