Букбокс читанка (и акција!)

ГОЛТАЊЕ ЗНАЕЊЕ - ЈАДЕЊЕ КНИГИ

Најголемата грижа на една пријателка која требаше да се породи на почетокот на март, беше нејзиниот син да не се роди токму на осми. Да си машко, а секоја година да ти го честитаат роденденот со „Среќен ден на жената", веројатно не е многу пријатно, дури ни на ниво на шега.

Но што да каже мајка му на Жан Антелм Брија-Саварен? Па тој се родил на – денот на шегата!

Овој француски правник и политичар, роден на 1. април 1755, сепак е најпознат како гастроном и писател. Неговото славно дело, со епски наслов „Психологија на вкусот, или медитации за една трансцедентна гастромонија: теоретско, историско и тематско дело, посветено на париските гастрономи, напишано од еден професор, член на неколку книжевни и академски друштва", или скратено – Психологија на вкусот, е објавено 1825 година, само неколку месеци пред смртта на авторот. Обемна како и самиот наслов, книгата содржи есеи и анегдоти посветени, меѓу другото, на дефиниција на гурманлукот, различните видови жед, менито на Наполеон, обврските на и кон стомакот и на еротските својства на одредени видови храна, особено на тартуфите. Има тука и медитации за трговијата, совети за дебелеење и слабеење, план за совршена вечера и збирка рецепти. Во чест на Саварен некои јадења и денес го носат неговото име, како познатиот колач со рум, крем и свежо овошје, едно нормандиско сирење, па дури и вид прстенеста модла (онаква со дупка во средина, ко за милиброди).

Од моментот на неговото прво објавување па до денес делото на Саварен не престанало да се преведува, објавува и цитира. Познатата „Кажи ми што јадеш, па ќе ти кажам кој си" е негова мисла, исто како и „Десерт без сирење е како убава жена со само едно око". Токму мешавината на хумор и афористичност со огромната ерудиција на Саварен е она што ѝ донел култен статус на оваа книга. Неговиот стил потсетува на оној на Монтењ, Волтер или Русо, но е порелаксиран и јазично инвентивен. Познавајќи уште пет „живи" јазици освен латинскиот, тој не се воздржува да позајми збор онаму каде Французите го немаат, па дури и ако тоа е од англискиот, како во случајот со sip (мала голтка, голткичка). Од ова дело се инспирираат и современите (особено француски) теоретичари на вкусот и културните аспекти на исхраната, како мојот сакан Мишел Онфре.

Во чест на роденденот на Саварен, на први или околу први април, во светот се одржува Меѓународен фестивал на книги што се јадат. Хедонистичката спрега храна-знаење-љубов, магично претставена преку буквалното консумирање книги, е истовремено и крајно концептуална, но и крајно „обична". Нели велиме „толку те сакам што би те изел(а)", или "знаењето е храна за душата"? Храната е и физички предмет, но и метафора која се срка, грицка и голта. Или барем е така за време на овој настан, посветен на големиот теоретичар, но и правач и кркач на убавата храна, Саварен.

Сега – најважното. Букбокс и неговите пријатели, инспирирани од овој меѓународен настан (и со благослов на главните организатори од Канада на кои им пишавме за нашите намери), во пресрет на скопскиот саем на книгата, организираат локален „фестивал на јадење книги", кој ќе се одржи на 8. април (петок) од 16 - 20 часот во бистрото Пепер (ул. Ленинова, на следното ќоше после Бастион и Деус, во правец на Парк). Еве што треба да направите за да се придружите:

Направете јадење кое по формата (или содржината) асоцира на книга, букви, читање..Најдобра опција е онаа „лапни-голтни", значи сендвичи, колачи, соленки. За оние кои ќе донесат торти или нешто за кое е потребно прибор ќе обезбедиме тањирчиња, пластични чаши, салфети и вилушки (значи гледајте да не биде грав, казан немаме). Бидете креативни, а ако не ви текнува еве некои идеи: соленки во форма на моливи, ванилици во форма на букви, торти со ликови од романи или детски книги, но и поапстрактни „концептуални" јадења, како на пример кило сончоглед како асоцијација на „Црно семе"...Најоригиналната идеја и изведба ќе добие награда. Сета храна поврзана со темата ќе биде на „шведска маса" и бесплатна.

Изрекламирајте го настанот, и дојдете на вистинско гнетење книги вон библиотеки и книжарници! Се надеваме времето ќе нè послужи...Се гледаме!

1 април 2011 - 00:00