- Како гласи итна еврејска телеграма?
- „Почни да се грижиш. Деталите следат."
- Што е дефиниција на „еврејска дилема"?
- Свинско на намаление.
- Што е разликата помеѓу пит бул и мајка Еврејка?
- Пит булот кога-тогаш попушта.
Пред да нè обвините за ширење расистички стереотипи камуфлирани во вицеви, да се разбереме – најголемата заслуга за настанувањето и ширењето на вицеви за Евреите ја имаат тие самите. Не затоа што во нивната култура има нешто посебно податно за потсмев – во секоја култура го има тоа, особено ако тргнете да го барате – туку заради начинот на кој тие ги исмејуваат истите оние особини кои преку сопствената религија и воспитување ги промовираат и поттикнуваат.
Специфичниот poker-face хумор (она кога останувате мртви ладни, дур другите се препелкаат на под од смеа слушајќи ги вашите вицеви), и зафркавањето на сопствена сметка, стана заштитен знак на голем број комичари од „златната генерација" на Холивуд од 50-тите. Сид Цезар, Џорџ Брнс, а нешто подоцна и Мел Брукс и Вуди Ален, сите тие, заедно со куп други комичари-Евреи, се заслужни што „еврејскиот" стана мејнстрим американски хумор. Зајнфилд, еден од најуспешните ситкоми во американската историја, е еден долг еврејски виц – шоу за ништо, како што самото се нарекуваше – каде комичното извира од ликови кои се карикатурални, невротични, опседнати и ексцентрични.
Да, Евреите се навистина такви, вели Хауард Џејкобсон, чиј 11-ти роман „Финклеровото прашање" (алузија на „еврејското прашање", според името на еден од ликовите) неодамна го доби Букер, и со тоа стана првиот хумористичен роман кој се закитил со оваа престижна награда од 1986. „Не верувам дека ќе ја добијам наградата", и' рекол Џејкобсон на неговата мајка пред церемонијата. „Па и нема", му одбрусила таа, „книгата ти е премногу еврејска".
И покрај несомнената радост (и добра сума) која му ја донесе наградата, тој во интервјуата кои следеа никако да престане да се жали. Де со своите 68 бил најстар добитник по Голдинг (кој кога ја добил имал 69), де немал кому да се пофали затоа што сите пријатели во меѓувреме му умреле, де му здосадило да пишува за Евреи, де и онака ништо нема смисла..Просто на човек му иде да му ја одземе наградата, и да му се извини за вознемирувањето. Ама токму тоа што страда од истите слабости кои стереотипно му се припишуваат на неговиот сој, и не се срами тоа и да го покаже, на овој автор му овозможува за нив да пишува со сочувство, но и со иронија која на моменти преоѓа во цинизам. Најубедлив е оној кој пишува за себе, а Џејкобсон токму тоа и го прави.
Џулијан Треслоу и Сем Финклер се стари другари од школо, а Либор Севкик нивен поранешен учител. И покрај различните карактери и животни приказни, тие го одржуваат пријателството главно собирајќи се во големиот стан на Либор во центарот на Лондон. Финклер е „продаден" филозоф кој пишува популарни книги за самопомош, и е еден од основачите на здружението на „Посрамени Евреи" (ASHamed Jews) - несогласувајќи се со официјалната политика на државата Израел тој околу себе собира група британски Евреи кои повикуваат на бојкот на сè што е израелско. Либор е ожалостен вдовец, кој постојано го свири Шуберт во чест на неговата почината сопруга, и се расправа со Финклер околу куп еврејски прашања. Треслоу, единствен од тројцата кој не е Евреин, се обидува низ често сосема спротивните ставови на неговите соговорници, да го најде патот до „еврејската вистина". На крај излегува дека тој е единствениот кој безусловно го сака и почитува еврејството – се жени со внука на Либор, и прави сè за да го заслужи своето место помеѓу Евреите, во култура и религија во која не може туку така да се преобратиш.
„Се уште се чувствувам малку како 'каурин', со носот залепен на прозорецот на еврејството, мислејќи – леле колку добри вицови имаат овие!", вели Џејкобсон, опишувајќи го ставот што го имал градејќи го ликот на Треслоу. Но „вистинскиот" Евреин изгледа е сума на сите тројца. Колку Македонци со различни карактерни особини би биле потребни да се добие ликот на „вистинскиот" Македонец?
После толку многу книги и филмови посветени на Евреите, деконструирањето или потврдата на предрасудите поврзани со нив, тешко е некој да каже нешто револуционерно ново во врска со „финклеровото прашање". Тоа на крајот на краиштата не го прави ни Џејкобсон. Но она со што оваа книга сепак плени е успешниот обид да се види сопствената култура со очи на аутсајдер, разбивајќи го митот за единствената еврејска (или која и да е друга) култура, без степени, нијанси и разлики. Нешто во смисла на уште еден виц:
Мојсие рекол: Сè е поврзано со Бога.
Соломон рекол: Сè е поврзано со мудроста.
Исус рекол: Сè е поврзано со срцето.
Маркс рекол: Сè е поврзано со потребите.
Фројд рекол: Сè е поврзано со сексот.
Ајнштајн рекол: Сè е поврзано со релативноста.
Ете, колку Евреи, толку мислења и табиети. Фали само она на парафразираниот Вуди Ален – што ако навистина ништо не постои, и ако сè ова е само сон? Тогаш оној кој ми ја подари оваа книга дефинитивно ја преплатил.