„Во септември 1919 италијанскиот поет Габриеле Д’Анунцио, во придружба на две илјади италијански бунтовници, го окупирал јадранскиот град Фјуме. Писателот и воен херој, еден од најпознатите Европејци на неговото време, долго посакувал освојување на сите територии за кои верувал дека секогаш биле дел од ’Мајка Италија’...Самопрогласувајќи се за il Duce на Слободната држава Фјуме, Д’Анунцио го открил поздравот со цврсто крената рака...Мусолини и Хитлер, тогаш опскурни фигури, ентузијастично учеле од псевдорелигиските говори на овој маж со избричана глава, кои тој ги држел од својот балкон на легионерите во црни кошули“.
Вака почнува книгата Age of Anger на Панкаџ Мишра, индиски писател, која во изборот на повеќе медиуми беше спомнувана како една од најдобрите небелетристики за 2017. Таа е обид за пронаоѓање заеднички именител за еден долг историски период, кој во случајов покрива повеќе од три века, а кој би овозможил спојување на навидум неспоивите Д’Анунцио, Бакуњин, Бодлер и ИСИС. Тој именител, според Мишра, е лутината, поточно гневот, на оние кои не можеле, и се уште не можат да ги уживаат ветувањата на модерната, за слобода, благосостојба и еднаквост. Опишаните ликови во книгата се оние кои прескокнати или маргинализирани од овие процеси реагирале исто онака како што реагираат денешните (самопрогласени или реални) аутсајдери - со интензивна омраза, обиди да се пресоздаде замислено „златно доба“, а често и со екстремно насилство. Тој менталитет, според авторот, е истиот оној на младите милитанти од 19 век од кои изникнале националистите во Германија, месијанските револуционери во Русија, шовинистите во Италија и анархистите во целиот свет.
Со оглед на својата ограниченост (350 страници), книгата нема амбиција да биде интелектуална историја, туку повеќе да опише една „клима на идеи, структура на чувство и когнитивна наклонетост, од добата на Русо до нашето сопствено доба на лутина“. Русо притоа не е случајно земен како еден од меѓниците, затоа што тој и неговиот раскол со Волтер служат како илустрација за двете страни на приказната, онаа на политичката елита наспроти онаа на понижените, навредените и лутите.
Јазот помеѓу овие две моќни интелектуални фигури бил морален, карактерен но и фундаментално политички. Волтер, имено, бил модернизатор „од горе надолу“, како и повеќето филозофи на Просветителството, кои со симпатии гледале на автократите како Петар Велики, за кого Волтер тврдел дека „ја иницирал највеличествената епоха во Европа од времето на откривањето на Новиот свет“. Русо, од друга страна, верувал дека слободата не треба да зависи од каква и да е форма на власт, и дека таа е „во срцето на слободниот човек“. Најголем непријател на Волтер била католичката црква и религијата генерално. Русо, иако агностик, сметал дека религијата има суштинско значење за моралот на обичните луѓе и дека го прави животот на сиромашните поднослив. Според него филозофите се солидаризирале со богатите и се гнаселе од „простите“ чувства на обичните луѓе.
Оттаму и меѓусебните навреди кои фрштеле меѓу овие современици - Волтер го нарекувал Русо „измамник кој сака да ги види богатите ограбени од сиромашните“ и ги полнел маргините од своите примероци на политичките есеи на Русо со забелешки како „без врска“, „за жалење“ и „лаги“. Го кодошел Русо во јавност дека тој, иако промотор на детското образование, самиот ги дал своите пет деца во дом. „Те мразам“, му пишал Русо на Волтер во 1760, напаѓајќи сè што овој напишал.
Врз основа на овие два лика Мишра се обидува да ги детектира „волтеровците“ и „русоовците“ во различни контексти, со акцент на оние кои заради изневерените лични очекувања, засилени од трауматското раскрстување со традицијата и суровата бавност на промените, станале гневни откако сфатиле дека идеите на индивидуализмот и општествената мобилност за нив не важат.
Секако, ваквиот список е долг, а во случајов предолг за читателот да може да ги пофати сите конци. Мишра нафрла сè што ќе му дојде под тастатура: Маркс и Енгелс, индијски борци за независност, милитантни Сики, Робеспјер, црвени италијански бригади, Ниче, Наполеон, Осама бин Ладен, џихадисти, домашни американски терористи, десничари и анархисти од сите бои и вери...Само една реченица ја отсликува тешката артилерија од имиња:
Максим Горки, болшевикот, Мухамед Икбал, поетот-адвокат на „чист ислам, Мартин Бубер, експонентот на „Новиот Евреин“ и Лу Ксун, проповедниот на „Нов живот“ во Кина, како и Д’Анунцио, сите биле обожаватели на Ниче.
Често читајќи ја книгата се фаќате во дилема дали да гуглате или едноставно да ги прескокнете ваквите „сите во еден кош“ моменти, обидувајќи се притоа да не застраните од главната, и во основа добра идеја на Мишра, меѓу две корици да прикаже повеќе од педесет нијанси ressentiment, францускиот тешко преводлив термин, мешавина на лутина, срџба, гнев и разочараност. Особено е силен заклучокот, кој содржи енергија насочена против политичкиот и културен мејнстрим, национализмот и затксриениот а се уште присутен колонијален менталитет, каков што очекувате да има и во претходните 300 страници. Особено затоа што Мишра е растен во рурална Индија, а денес живее помеѓу Лондон и својата татковина, па оттаму е посензибилизиран за темата отколку некој негов европски колега - историчар од престижен универзитет. Сепак, критичарите забележуваат на речиси тотално отсуство на жени во книгата, кои го кренале својот глас против естаблишментот, или барем стоеле зад своите синови и браќа кога овие ги изложувале на ризик своите животи за каузите во кои верувале.
Книгата завршува со предупредување - дека добата на гнев не само што не завршило, туку дека тоа допрва ќе се засилува. Но нејзиниот тон сепак не е доволно гневен за такви, полни со адреналин, да ги затворите нејзините корици. Повеќе сте лути што одличната тема, и покрај целата ерудиција на авторот, не е подобро обработена.