Таа 1906. споменатата библиотека си го подновила фондот за 100 наслови, и само оваа, „Дневникот на Ева", наишла на неодобрување од членовите на бордот, не заради текстот на Твен, туку заради 55-те илустрации на извесен Лестер Ралф, кои ја прикажуваат првата жена на Јудео-христијанската традиција во нејзината „летна облека". „По долго и длабокомислено гледање во една од сликите која ја прикажува Ева како занесено се потпира на карпа, г-жа Вејкфилд (членка на бордот) реши да стапи во акција" – иронично забележува текстот од 23. ноември 1906 во Њујорк Тајмс, посветен на оваа тема. Самиот Твен по повод забраната кратко изјавил: „Тоа ич не ме интересира", за подоцна во писмо до еден негов пријател, да додаде: „Секогаш кога некоја библиотека забранува моја книга, а остава непрочистена верзија на Библијата на дофат на незаштитената младина и на старците, длабоката иронија на ваквиот чин ме восхитува, но не и лути".
Книгата е замислена како дневник на Ева, од моментот на нејзиното создавање, запознавањето со Адам и истражувањето на светот околу неа, па сè до прогонот од Рајот, и нејзината смрт. Жанрот и нарацијата не се спорни, но она што ме зачуди е што приказната на Ева е опишана како „сатирична" и „комична". Навистина, ко што го дал Господ, Твен од време на време суптилно се подбива со стереотипните родови улоги, длабоко втемелени токму од првите луѓе: Ева е целата жизнерадосна, млада, плотна, љубопитна, многу нестрплива и понекогаш досадна, но затоа Адам е тежок скептик и мрчатор: „Во последниве ден или два ја презедов сета работа на именување од него, а нему многу му олесна бидејќи тој нема талент за таа работа. Кога и да се појави ново суштество, јас му давам име пред тој да се посрамоти со непријатна тишина. На овој начин му заштедувам големи понижувања."
Со еден збор – Адам не може да дојде до збор, а таа неговото молчење од љубезност го толкува како недостаток на вербална интелигенција.
„Веројатно треба да запомнам дека таа е многу млада, само девојче, и да ѝ правам отстапки. Светот за неа е чудо, мистерија, радост...таа не може да престане да се восхитува кога ќе најде нов цвет, мора да го гали и да го гушка и да го мириса и да му зборува, и да му дава бесконечно многу имиња. Луда е по бои: кафени карпи, жолт песок, сива мов, зелени листови, сино небо..златни острови кои пловат во замаглени мориња на зајдисонце...ништо од сето ова нема практична вредност, барем колку што можам да сфатам, но таа спобудалува по овие работи. Да може да седи мирна и да ќути барем неколку минути тоа би бил спектакл", возвраќа Адам.
Но после овие првични предизвици на нивната врска, Адам и Ева стануваат сè поприврзани – тој конечно признава дека под одреден агол на сончевата светлина таа е убава, а пак таа изјавува дека го сака, со љубов „која не е резултат на разум и статистика", заради тоа што е нејзин, силен и згоден, и уште повеќе, дека би работела за него, би му робувала и би се молела за него, „дури и ако ја малтретира и тепа". Таа се надева дека ќе умре пред него бидејќи е послаба и не би издржала сама, што и се случува. На гробот на Ева Адам ја изговара последната реченица од книгата: „Каде и да беше таа, таму беше Рајот".
Токму ваквиот крај го менува целиот тон на книгата, која од познавачите се толкува како постхумно љубовно писмо до жената на Твен, Оливија Клеменс или Ливи, која умрела 1904., токму пред да биде напишана приказната. Замерувајќи му на Адам за воздржаноста и студениот однос, Твен можеби си замера за истото самиот на себе. Никогаш не знаеме дека сме во Рајот, додека не го загубиме...
Додека го пишувам ова во тек е Banned Books Week (недела на забранетите книги), настан кој во САД се одбележува еднаш годишно, посветен на слободата на изразувањето и читањето. Можеби знаете, во „земјата на слободните и домот на храбрите" секој (родител, наставник, библиотекар, директор на училиште) може да „оспори" јавна достапност на одредена книга (читај: да побара нејзина забрана) заради неумесна, политички некоректна, или каква и да е друга содржина, која според барателот е несоодветна. Еден куп класици – Штајнбек, Џојс, Орвел, Селинџер, Набоков – и денес се цензурирани во различни делови од Америка, понекогаш заради навистина чудни причини (книгите на Толкин биле сатанистички??).
Организаторите на гореспоменатиот настан оваа година направиле канал каде се испраќаат клипчиња на луѓе како наглас читаат некоја од овие, и други забранувани книги низ историјата, а богами и во современоста (за најновиот предлог на претставник на Руската православна црква за забрана на Маркес и Набоков тука). Штета што кај нас одамна не се случило да се забрани книга, па немаме со што да учествуваме. Ајде само по овој повод да ја прогласиме „Волшебното самарче" за сомнителна по неколку основи: злоупотреба на детски труд (Трајче дрварчето пренесува пратки за партизаните преку непријателските редови), шверц и малтретирање животни (магарето на Трајче). Пишувајќи го ова случајно откривме дека таква иницијатива всушност веќе постои! Епа Ванчо Николески во рака, и придружете се на Неделата на забранети книги, во знак на солидарност со онеправданите американски книгољубци.