Неговите дизајни се дел од збирките на големите светски музеи. Заслужен е за осовременување на српската, но и на целата бивша југословенска дизајнерска сцена. Минималистички, често иронични и парадоксални, неговите решенија се истовремено и убави на око и интелигентни. Добитник на над 300 меѓународни награди. Сопственик за диплома за завршен факултет, стекната откако добил награда за животно дело. За нас важен и по тоа што е автор на неколку од најубавите постери за Скопскиот џез фестивал.
Сосема е можно првиот илустриран роман на Славимир Стојановиќ Футро да го прочитате само затоа што знаете кој е. Јас, искрено, немав поим. Но ова ми помогна дополнително да се задлабочам во книгата - како кога на забава (кога ли беше тоа кога одевме на забави?) ќе забележите човек за кого мислите дека немате ништо заедничко. Па можеби ќе поминете пет минути неврзан муабет чекајќи ред пред ВЦ. Кои потоа ќе прераснат во неколку часа дискусија за природата на времето, илузијата на помнењето, автобиографијата како конфабулација, уметноста како терапија. И во почеток на убаво пријателство.
„Девет“ е за сето ова, и уште многу нешта, според авторот 90, или од чисто симболични побуди, можеби и 99% автобиографски. Главниот лик, Саво Николиќ, е познат дизајнер. На 9-годишна возраст играјќи фудбал паѓа на мраз, на глава. Тешкиот потрес на мозокот му ги брише сеќавањата за целото дотогашно детство. Не знае кои му се родители, не си го препознава домот. Девет години долга когнитивна и емоционална дупка која како отворена градска шахта само се покрива со ламарина, да не зјае. Но не може со ништо да се пополни.
Еден трауматичен настан кој се случува триесет години подоцна го поттикнува процесот на исцелување. Во ист ден умира мајката на ликот-авторот, и му се раѓа ќерка. Мајката, таткото и братот ги нема видено со години, но тоа ја прави загубата уште поголема, укинувајќи секаква шанса за оправање. Како низ трите фази на обредот на премин, Сава-Славимир се оттиснува/отуѓува од светот, минува низ болен процес на соочување со минатото, за конечно да го затвори кругот, пристигнувајќи на истата точка од којашто тргнал, но сега како поинаков човек. На деветиот роденден на својата ќерка.
Изборот на жанрот - роман, а не мемоар - е веројатно обид за намалување на очекувањата за документарност и вистинитост. Има тука и монтажи, веројатно и прескоци, по некоја автоцензура. Но искусниот читател веднаш препознава дека тука нема фолирање - Сава-Славимир не го пишувал ова ниту за да се фали, ниту за да се жали. Просто оти морал.
Бројот 9 експлицитно во текстот го забележавме три пати, и дизајнерски го протолкувавме како обратна симболика на 666. Замени го лошото со доброто. Ароганцијата со отвореност. Минатото со иднината. Закоравената предрасуда со признавање на грешка. Како што и ние ја признаваме нашата. „Девет“ е навистина убаво илустрирана книга. Но не е книга илустрации придружена со второкласен текст. Ова е трогателна приказна за човек кој решил да се пресмета со самиот себеси. Наместо да продолжи да се пресметува со светот.
Футро на подкастот Агеласт
Илина, Букбокс