Букбокс читанка

„Да сум на твое место“/«Αν ήμουν στη θέση σου» /“If Ι were in your place” - група автори

Да се направи обид за приближување на грчката и на македонската култура е чин кој не само што заслужува куртоазни пофалби, туку може да се нарече дури и храбар. А тоа не би било ниту толку необично, ниту толку храбро, доколку само би замислиле - како е да сме на местото на другиот, во неговиот јазик, и во неговата кожа.

„Да сум на твое место“ е мала тематска антологија на македонски автори и авторки, чии дела (кратки раскази и песни) се преведени и на англиски и на грчки јазик. Тоа се всушност истите автори вклучени во книгата „50 раскази“ од Жил Менар (за којашто претходно пишувавме тука), псевдоним на приредувачот на оваа антологија.

Книгата е резултат на проект кој подразбирал еднонеделен престој во културниот простор TWIXTlab во Атина, а кој требало да се случи изминатово лето. Поради познатите прилики, наместо замената на места да се случи физички, таа сега се случува низ текстот, но овој пат тројно - и затоа што тоа е темата којашто ги обединува сите дела, и затоа што истите се преведени на два јазика (на англиски од Живко Грозданоски, и на грчки од Емилија Мајсторова Стојановска).

Наместо осврт го пренесуваме краткиот предговор кон книгата. Дел од средствата собрани преку нејзина продажба ќе оди за хуманитарни цели, а податоци за тоа каде и како може да се купи има тука. На истиот сајт е прикачен и аудио подкаст во кој дел од авторите зборуваат за мотивите и начинот на изработка на антологијата. Им благодариме за можноста да бидеме дел од замената, и од размената.

***

„Не“ на македонски е честичка. Може да се користи самостојно, за одрекување или негативен одговор. Често стои пред глагол, како во „не можеме“ или „не те разбирам“. Може и да се удвои заради засилување на ефектот, како во „не, не сакам“. Знае да биде и императив, како во „не ми наредувај!“.

Nay во англискиот е архаичен израз за „не“. Историски бил користен за одговор на позитивно прашање, додека no бил одговор на негативно. Со текот на времето разликата исчезнала, останало само no-то, иако nay-то преживеало во кованици, на пример во nay-sayer - човек кој постојано негира, критикува или се сомнева.

Ναι (не) во грчкиот е „да“ на македонски, или "yes" на англиски. За позитивен одговор, потврдување, како заповед или изненаденост. Кажи ѝ „да“ на љубовта. Да, ве разбирам. Да, ме сакаш?

Кога ќе се сретнат македонското не, грчкото ναι и англиското nay, ризикот е огромен. Како во комедија на забуни, потврдувањето лесно преминува во негирање, а сигурноста во сомнеж. Разбирањето во не-ναι-nay-доразбирање.

Но не и во оваа збирка. Замената на местата која ја предлагаат 17-те застапени македонски автори и уредникот на оваа збирка не е основа за конфликт, туку на емпатија. Ставање во нечии туѓи патики, скинати сандали или калливи чевли. Средби со вториот „ти“ и другиот „јас“. Поглед на работите од перспектива на ластовици, авион, комарец, или од зад бодлив тел. И низ призмата на преводи кои обезбедуваат заменетите зборови да не создаваат забуни, да не се насилно преселени на туѓа територија, туку таму – во домот на другиот јазик - да се чувствуваат како на пријатен гостински престој.

Да, сме за една ракиичка. Ναι, може и узо. Why nay?

Илина Јакимовска

Застапени автори: Жил Менар, Влада Урошевиќ, Иван Шопов, Николина Андова-Шопова, Александар В. Станојков, Душко Крстевски, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Ѓорѓи Крстевски, Искра Донева, Жарко Кујунџиски, Исток Улчар, Мане Манушев, Владимир Мартиновски

3 февруари 2021 - 16:25