Жил Менар. Звучи како име на опскурен автор, чиј експериментален пристап кон книжевноста, „менаризам“, можел да стане светски тренд, доколку авторот не погинел под мистериозни околности. Во двобој гради во гради со конзервативен рецензент, кој наместо со меч или со пиштол, во клучниот момент смртоносно го ранил со недостаток од смисла за хумор. Или кој страниците од своите книги, во ран пример за примена на VR во книжевноста, сакал да ги импрегнира со психотропна течност, што кај читателот би предизвикало халуцинации - физички реакции на текстот - но кој при експериментирањето со различните хемикалии и самиот се затрул. Или можеби човек кој е здрав, жив и помеѓу нас, но за кој до сега не сме знаеле, или барем не со овој негов из/за/мислен идентитет.
Книгата на Жил Менар, псевдоним зад кој се крие Живко Гроздановски, претставува антологија на 50 раскази, но и на рецензии за нив напишани од 10 критичари, самите автори на кратки книжевни форми. Ним првично им биле дадени по 5 раскази, врз основа на кои требало да ја коментираат целата збирка, но и да го замислат контекстот во кој настанале расказите на наводно измислениот и мистериозен автор. Како „главен“ рецензент, кој единствен има(л) увид во целината, се јавува Влада Урошевиќ, со оглед на тоа што целата мистификација врзана со оваа книга била инспирирана од фиктивната библиографија на крајот од романот „Невестата на змејот“, како и негова претходна замислено-измислена „антологија на македонска надреалистичка поезија“, со песни напишани од мистериозни автори и соодветни белешки за нив, која останала нереализирана затоа што во тоа време (пред неколку децении) издавачите го процениле потегот како премногу екстравагантен.
Целиот проект поставува важни прашања кои и покрај долгата историја на вакви експерименти, се уште не се до крај одговорени. На пример: кој е ултимативниот автор на оваа книга? Ако е еден - оној кој ги создавал расказите - тогаш дали објавувањето под псевдоним е чин на понизност и жртва, признавање на ефемерноста на авторството како такво, или напротив, намерно „кревање џева“, за кога сложениот пат низ лавиринтот ќе доведе до него, тој да блесне со сиот свој сјај, како светлина на крајот од тунелот? Дали со маргинализирање на авторот им се врши услуга на идеите, или обратно, фокусот се префрлува на мистеријата со ризик таа да ги засени?
Мотивите за „пакувањето“ на сопственото дело во оваа или онаа форма се сепак длабоко лични, и веројатно се рационализираат и долго време откако тоа е завршено. Но она што го плени читателот вон сите овие филозофско-книжевни прашања е колективната енергија вложена во една навидум банална, а толку потребна Игра, напишано со голема буква, за да не се помеша со пежоративното ’игра’ со мало и. Во книжевна средина како нашата, во која работите често се разбираат, промовираат или претставуваат како непотребно тешки и сериозни, оваа група автори, предводени од еден млад по дух нивен корифеј, се друштво во кое би сакале да поминеме вечер играјќи македонски Скребл на измислени зборови. Или составувајќи необични приказни од картичките на Диксит.
Илина, Букбокс
„Рецензентите“ во книгата:
Искра Донева, Ѓорѓи Крстевски, Мане Манушев, Душко Крстевски, Жарко Кујунџиски, Александар Василиј Станојков, Сања Михајловиќ – Костадиновска, Иван Шопов, Николина Андова – Шопова и Владимир Мартиновски
Поговор или „Допис од читател“ од Исток Улчар.
Илустрации - Софија Григоријаду („Надја Леклерк“).