Тогаш, во растојание од неколку дена, ми се случија две клучни естетски доживеалици – го гледав Топ Сикрет на браќата Цукер, а потоа од библиотеката „Браќа Миладиновци" ја позајмив Нуспојави на Вуди Ален. Комбинираниот ефект кој врз мене го имаа овие дела и автори беа одлична подготовка за животните предизвици кои следеа. Апсурдноста на животот и светот во нив тогаш ми делуваше како фантазмагорија. Но под нивно влијание реализмот на Балзак или Максим Горки подоцна почна да делува како натегната конструкција. Ете, ние остаревме. Универзумот се шири. А Тафталиџе не баш.
Иако за сета уметност се вели дека има (и) терапевтска функција, веројатно нема друг автор кој целото свое дело го базира токму врз сопствената неуроза. „Имам еден ко за тебе", велеше девојката која работеше во видеотеката карши мојата зграда, „многу се збори, а ништо не се случува", дијагностицирајќи го мојот филмски вкус со прецизност на матичен лекар. Не е неопходно да се нагласи дека повеќето од така опишаните филмови беа токму на Вуди Ален. Карикирајќи ја преголемата интелектуализација во пристапот кон суштествените животни прашања – од жените, сексот, политиката, па до пронаоѓањето на сопствениот пат низ Кинескиот кварт – тој всушност го прави истото. Само што резултатот е цепки.
Кога би требало да бирам дали да го гледам или да го читам Вуди, сепак би се одлучила за второто. Не дека имам нешто против неговата астенична конституција, нискиот раст (заради кои не го примиле во шаховскиот тим), и изразот на лице кој емитира постојана загриженост околу метафизички прашања (не само дали постои Бог, туку и како да најдеш водоинсталатер за викенд). Ама во некаков виртуелен натпревар во откаченост, некои од неговите раскази десетоструко ги надминуваат неговите филмови. Замислете еве извесен Кугелмас (од првиот расказ во Нуспојави), професор по социологија, кој обидувајќи се да си најде љубовница која сепак нема да го загрози неговиот брак, со помош на маѓионичарот Перски влегува во романот Мадам Бовари и почнува врска со истоимената, до момент кога таа посакувајќи да го види и неговиот свет заглавува во него, не можејќи да се телепортира назад во книжевното дело.
Претворајќи се од фикција во реалност љубовната авантура станува вистински кошмар. „Веќе никогаш нема да ја изневерам жена ми", му вели Кугелмас на Перски откако овој со триста маки сепак успева преку магичното орманче да ја пресели Ема Бовари во нејзиниот вистински дом. Три дена подоцна тој сепак се враќа и бара повторно да биде телепортиран, овој пат во друг роман. Но орманчето затајува. Кугелмас упаѓа во стар учебник по шпански, и сега го спасува голиот живот јурејќи преку пустите и камени терени, додека зборот тенер (да се има), често погубен неправилен глагол, го гони на своите долги и тенки нозе.
Е, ај иди сними го ова...
Во чест на филмскиот и книжевен опус на Вуди Ален, без повод и без пари, четири девојки организираат „омаж" во недела, 13. март, со почеток во 12 часот, во ГЕМ/Менада. Ќе има проекции, маици и торби, свирка и – бесплатна психоанализа! Си има и дрес код, не заборавајте да се облечете како во Ени Хол (ако не ви текнува еве предлози). Во меѓувреме два расказа од збирката Чиста анархија во издание (и одличен превод) на Или-или, која ќе можете да ја купите на истото место.
Сесрдно подржувајќи го настанот, имам само една забелешка на неговиот слоган. „Скопски невротици обединете се!" вели тој, издигнувајќи ги жителите на нашиот главен град на невротичниот пиедестал. „Та не сме саде ние, та не сме саде тука", извикувам од Тафталиџе, кое сепак изгледа како да се шири. А универзумот, не баш.