Ова не е книга за самопомош. Па сепак, додека ја читате и се вадите од памет од потенцијалот вграден во секој од нас да биде манипулиран од сопствениот страв, истовремено и некако се обучувате - да ги препознавате класичните стапици и да знаете кога има потреба да се плашите, а кога не. Како што вели познатата, сега веќе ретро изрека, да бидете шизик и кога идете на ризик.
Ден Гарднер, новинар со диплома по право и историја, ги сумира резултатите од голем број психолошки истражувања кои го докажуваат предимството на емоционалните над рационалните реакции кога е во прашање стравот, или како што ги означува самиот, на оние кои доаѓаат од „Стомакот“, наспроти оние од „Главата“. И ова нема (голема) врска со интелигенција, образование, социјален статус, туку со базична социо-биологија и ендокринологија, заради кои информациите во врска со некаква закана ги обработуваме на начин кој бара брза и неодложна реакција, а не многу-многу мудрување.
Нашите „пештерски“ умови едноставно не се опремени да излезат на крај со комплексноста на современиот живот, особено кога се во прашање ризиците - на спомнување на зборот „тероризам“, на пример, дури и најладнокрвните меѓу нас благо се ежат како во пресрет да им иде бик со сомнителен табиет, кој додуша во моментот лежерно грицка страк слама. Џабе и статистики (колку случаи знаете на бикови што туку-така нападнале луѓе?), познавање на стандардните когнитивни стапици (ако типичен „бик“ во поп културата е оној кој напаѓа тореадор не значи дека сите бикови на светот се крвожедни) и куп литература по полиците (енциклопедии во кои биковите се наведени под „домашно расплодно говедо“): посебно ако е во прашање сопствената и безбедноста на семејството, човек едноставно се врти, и колку што може подискретно - бега.
Ова и без длабоки познавања од психологијата многу добро го знаат оние на кои стравот им е алатка за нешто да продадат, да контролираат или да манипулираат. Гарднер не прескокнува никого и ништо на оваа долга листа - од продавачи на животни осигурувања, фармацевстки компании, верски водачи, маркетинг агенции, медиуми и политичари од секаков ков. Устите на научниците пена им фатија објаснувајќи ги начините на кои ова - продавањето страв - успева, ама џабе, затоа што тоа повторно и повторно поминува, станувајќи истовремено и пософистицирано и многу попросто. Звучи парадоксално, но потрошувачката култура е веќе толку надразнета од повици за „волк“ кои ги активираат нашите базични инстинкти, што упросечнетиот „Пеце“ го препознава во сè, од соседот кој само изгледа така невино, до загадениот воздух, отровниот патлиџан, имигрантите, холестеролот и ракот.
Дел од овие стравови во одреден момент можат да бидат и основани. Но во сеопштата паника на човека веќе му е тешко да разликува што е што, особено ако е лесно подложен на „ефектот на стадото“ или на тн. информативна каскада - феноменот според кој кога голем број луѓе веруваат во нешто тоа убедува уште повеќе луѓе, што понатаму како бран го шири и мултиплицира дејството. Во меѓувреме значајни прашања, работи од кои на човек НАВИСТИНА треба да му биде страв, како на пример климатските промени, минуваат речиси незабележано, затоа што се поапстрактни и бараат повисоко ниво на информираност за она што се случува глобално.
Единствениот лек за ваквата ситуација кој го нуди Гарднер е засилување на менталните напори на секој од нас поединечно. Секако, помага ако образованието ни укаже, уште од мали нозе, на важноста од критичкото мислење. Но знаејќи дека институциите може да се дел од проблемот, а не и од решението (најлесно се контролира уплашен и неук граѓанин), најсигурниот начин е да се инвестира во сопствените когнитивни перцептори на лаги и измами. Дали е лесно? Не е. Дали е можно? Е.
Книгата е објавена 2008, а второто издание веднаш е дополнето со нови примери на манипулација преку страв. Денес, скоро десет години подоцна, Гарднер би имал уште куп примери и докази за нашата базична неспособност да разликуваме основан од неоснован страв и да процениме реални ризици. Но она што прави таа да не застарува е што не застарува ништо ни во нашиот ментален склоп, ни во принципите на кои се базира науката и политиката на стравот. Неговиот стил е одличен, новинарски прецизен (мислиме на она, квалитетното новинарство), скоро и да нема реченица подолга од ред и пол, а аргументите му се убедливи и добро илустрирани. Само некако нè фаќа страв од помислата дека и на другата, онаа страна која сее страв, има исто толку, па и подобро обучени автори.