Koга агенцијата за нега за стари лица ќе ја испрати нараторката во овој роман на нова задача, таа сфаќа дека ја чека веројатно најголемиот предизвик во дотогашната работа. Во книшката која ја добива секој корисник, овој веќе има девет сини „ѕвездички“, што означува колку пати била променета жената што се грижела за него.
Уште при првата средба станува јасно зошто човекот е во најмала рака необичен. 64-годишниот поранешен универзитетски професор по математика пред речиси дваесет години има доживеано сообраќајна несреќа, после која меморија за секојдневните нешта вон областа на науката му е ограничена на нешто повеќе од еден час. Во истата несреќа била повредена и неговата снаа за брат, вдовица, која навидум студено, но сепак со многу внимание ја организира неговата нега. За неговиот живот да има некаков континуитет, тој си ги запишува тековните нешта на парчиња хартија и си ги закачува на облеката. Една од белешките содржи портрет на помошничката, а наскоро на истото парче хартија ќе биде додаден уште еден лик и зборовите „и нејзиниот 10-годишен син“.
„Рут“ или „корен“ како што го нарекува Професорот детето, е единствениот кој е именуван во книгата, макар и преку прекар, а го добива поради тоа што косата му е рамна како рамниот дел од истоимениот математички симбол. Истовремено, тој е и единствениот кој може да го извади професорот од неговиот изолиран свет, слушајќи преноси од бејзбол натпревари на старо радио и пишувајќи заедно домашни по математика. Преку нивниот однос сфаќаме дека професорот не е само некаков опскурен лик на луд научник, туку дека едвај чека некому да му го претстави чудесниот свет на бројките, одговарајќи на навидум банални прашања со неверојатно трпение и незгаснат восхит.
На некој што е навлезен во тајните на математиката, нивните разговори за „совршените“ броеви и „елегантните“ теории можеби ќе му изгледаат банално. Оттаму, романот е веројатно повеќе наменет за оние кои (како потписникот на освртот) се самопрогласиле за антиталенти за било што поврзано со цифри и аритметички операции и на кои им се врти при самиот поглед на формула. Кога помошничката станува опседната со пронаоѓање на сите прости броеви до 100, за малку и нам ни доаѓа да се фатиме да пресметуваме - ентузијазмот за откривање на тајните на броевите е заразен, бидејќи изгледа дека тие водат до одговори за смислата на вселената и на животот.
Тоа во романот е навистина така, но броевите и пресметките не се цел самите по себе - тие се само „канал“ кои спојуваат четири ликови, давајќи им смисла на нивните животи. Кога во еден момент снаата поради грешка на негувателката се жали во агенцијата и таа добива отказ, професорот ја спасува работата со Ојлеровата формула која многумина ја нарекуваат „најубава“ и „скапоцен камен на математиката“ (всушност оригиналниот наслов на книгата на јапонски е „Омилената формула на професорот“).
Книгата не објаснува зошто таа влијае снаата да го промени ставот, а им завидуваме на сите оние кои одговорот можат да го пронајдат во самата равенка. Ние сме задоволни и само со убавиот крај.
Илина, Букбокс