Букбокс читанка бр. 1

„Бранови“ oд Вирџинија Вулф

Бранови се чита на почетокот на зимата. На песочна плажа на која веќе нема капачи, или на клупа на кеј додека почнува да бранува првото есенско ветре.

Меланхолично е, но никако патетично. Женско, но не и млако. Наречено „експериментално", ова е според многумина ремек-дело на модерната европска литература. Не очекувајте класичен заплет, ниту цврста структура - повеќе калеидоскоп на внатрешни доживувања на шестте главни личности, чии испреплетени животи се следат од детството до средовечната возраст. Како и самата Вулф, која според современата дијагностика страдала од би-поларно нарушување (видете во втората сезона на д-р Хаус..), и нејзиниот роман балансира меѓу двете острици на убавината - онаа на смеата и радоста, и онаа на стравот и болката. „Жената мора да има пари и сопствена соба за да може да пишува", вели Вулф. Нејзиниот читател пак треба да има: столче на расклопување, и ментална даска подготвена за авантура - сурфање по нејзините бранови.

Издавачот доделува награда - бесплатен примерок - на оној кој ќе испрати фотографија која најдобро ја доловува атмосферата на овој роман (на неа не мора да има бранови..). Испраќајте ги на chitajte@gmail.com, во пристојна (не премала, не преголема) резолуција. Резултатите ќе бидат објавени при следното полнење на полицата.

14 септември 2009 - 00:00