„Градина“ е дебитантски долгометражен документарец на Бојан Тантуровски, дипломец по ТВ и филмска режија од Факултетот за драмски уметности во Скопје. Со него разговаравме за предизвиците при следењето на групата урбани „градинари“, етичките дилеми што ги наметнува приказната, како и начините на кои исконската потреба за блискост со природата се регулира во средини поинаква од нашата.
Краткиот опис на филмот е „приказна за последните урбани герила-градинари“. На прва ова асоцира на млади луѓе, припадници на некакво анархистичко здружение, кои заземале јавна територија поради идеолошки причини. Градинарите во овој филм се сепак далеку од ваквиот опис. Може ли накратко да ни ги претставиш нив и нивните мотиви? Како воопшто се запознавте и ја стекнавте нивната доверба?
Да, зборот „герила" на прва звучи како што кажа, анархистички и идеолошки, би рекол дури и агресивно, бидејки самиот збор има такво потекло. Но во овој филм, тој збор добива друго значење. Овде зборуваме за мирољубиви луѓе од постара генерација кои живеат од својот труд, од своите раце и земјата која ја обработуваат. Тоа се луѓе кои повеќе од три децении се занимаваат со градинарство на парцели од запуштено државно земјиште. После повеќедецениска практика, сега се соочени со урбанизација на тоа државно земјиште и исчезнување на едни од последните градини од ваков тип. За нив може да се каже, дека личат на една микро заедница чија „реакционарност" е тоа што живеат малку одвоено и поразлично, на маргините од главните урбани текови. Ако кај нив постои некаква идеологија, таа е сигурно хуманистичка.
Зборувајќи за мотивите, можам да кажам дека кај секој од нив постои различен доминантен мотив, зависно од нивната животната ситуација. Најпрво би ги навел егзистенцијалните причини, каде градината претставува дополнителен приход, и за некои од нив, спас од работ на финансиски колапс. Како второ, градините го одржуваат нивниот социјален живот активен, и ја спречуваат летаргијата. Дочекуваат гости, пријатели станари кои немаат дворишта, да уживаат кај нив на кафе, мезе и свежо подготвени плодови. И на крај, самиот контакт со природата и земјата. Градините за нив се места за одмор и релаксација, додека активностите и обврските им даваат мотив да излезат надвор од своите станови, од тие четири ѕида. Како што ќе каже еден од ликовите, -...немаш време да размислуваш, де ова ми треба, де она ми треба, ова не ми чини, тоа не ми чини...-
Иницијалниот контакт и запознавањето го поттикна снимателот Кирил Шентевски, кој претходно имаше направено и снимки од локацијата, некои стари дури и неколку години. Во разговор, ми предложи да го посетиме местото заедно, и без да знаеме веќе бевме редовни гости во градините. Ликовите ги запознававме постепено, непланирано, преку дружење. И станавме нивно друштво. Силно влијаеше на нас целото тоа опкружување, што едноставно не размислувавме подолго време ниту за финанасии и било каква поддршка, туку само снимавме. Нивната доверба ја добивме едноставно со добра волја, пријателство и отвореност. Ние им помагавме на нив, тие ни помагаа нас. А уживањето беше взаемно.
Јасно е дека во правна смисла земјиштето што тие го обработуваат не е нивно и дека е оттаму „оправдано“ што тие во некој момент можат да бидат избркани од него. Од друга страна, самиот факт што парче урбано земјиште се оплеменува и со навистина голем труд овозможува приход за луѓе кои инаку тешко врзуваат крај со крај предизвикува симпатии и поттикнува размислувања за разликата помеѓу законите и она што интуитивно го чувствуваме како морално исправно. Дали токму оваа опозиција беше твојата идеја кога го правеше филмот?
Доста убаво и комплексно прашање, па ќе пробам да го одговорам. Правната наука и законите се нешто што не е константно, тоа е подложно на толкување, се менува, се преиспитува и е во „постојано движење". Така да не би зборел за праведно или неправедно, туку за едно базично и инхерентно чувство кај човекот, а тоа е разликата што ја прави помеѓу добро и зло.
Од една страна тоа земјиште не е нивно, од друга страна сочувствуваш со нивната мака и „обесправеност”. Ќе нафрлам само како пример, тоа е како да спасиш некое беспомошно мало дете, знаеш дека не е твое, но сепак си го растел и чувал со љубов долги години. Сега го пронаоѓаат неговите вистински родители. Дали нема да чувствуваш дека нешто што е дел од тебе, сега на некој начин ти е одземено?
Таа опозиција која ја споменуваш, кај мене се појави кога бев малку подлабоко навлезен во приказната, и предизвика кај мене едно чувство на „заглавеност и подвојување". Нивното постојано качување и симнување, целиот физички напор го доживував како апсурден и како влез во една сизифовска територија. Од друга страна беше чувството дека сум во присуство на луѓе полни со живот, ентузијазам, позитивна енергија и желба за дружење, која „ја црпеа" од самата градина. Имаше моменти кога мислев на некои обиди за алтернативни текови, но со тек на процесот на работа, таквите обиди ми делуваа извештачено и во несогласност со самата природа на ликовите. Така да свесно решив да останам на дадената состојба на работите. И дури напротив. Наместо приказната да ја ширам по други линии и истражувања, токму ваквата ситуација и состојба кај ликовите сакав да ја „компресирам" и да ја нагласам таа опозиција. И така тоа остана до крај.
Ова е твое дебитанско дело. Го развивавте долго и исто така долго и се снимаше. Кои беа најголемите предизвици?
За мене лично најголемиот предизвик беше чекањето, исчекувањето нешто да се случи што знаев дека е потребно да се сними за филмот и приказната. Но тоа не се случуваше подолго време, што кај мене предизвикуваше и фрустрираност. А кога пробуваш нешто со сила и интервенција да го создадеш, тоа обично или оди во спротивна насока или воопшто не се случува. Документарното ткиво е осетливо и мислам дека не дозволува премногу мешање. Тоа бара ти да се прилагодиш на него, не тоа на тебе. Ако ги следиш неговите траги, тоа ќе ти подготви многу добри изненадувања, но ќе ти понуди и алтернативни патишта. Твојата работа е да си свесен, да знаеш или да претчувствуваш во која насока и по кој пат одиш.
Дали знаевте кога се случува затрупувањето па ги начекувавте багерите? Во еден момент очекував дека филмот ќе заврши со тоа што градините ќе бидат целосно уништени, но потоа тие повторно оживеаа.
Тоа беше и еден дел од исчекувањето кое го споменав. Ние немавме информации кога ќе се случуваат градежните активности. Моравме да бидеме присутни и на штрек, а кога бевме отсутни повторно бевме на штрек од помислата дека нешто се случува, што доста истоштуваше. Кога имаше активност, некогаш се случуваше да има и трчање од еден крај на градот до друг. Некогаш пак мислевме дека по чиста случајност, снимаме нешто што инаку никогаш не би го снимиле.
Инаку просторот каде што се градините би кажал дека е прилично статичен, бидејќи нема заинтересираност за таква пракса, така што нема луѓе за да има некаква конкуренција. Со оглед на околностите, овие градинари се последните на тие простори. Треба да се напомене дека тие беа спремни да споделат земјиште меѓу себе во случај некој да го загуби своето.
Оживување на градините зачудува, бидејќи тоа е плод на нивната љубов, решителност и отпорност, повторно да ги преградат скоро од ништо.
Дали вакви „градини“ има и во други градови во Македонија, и дали знаете за примери во Европа и светот. Како се регулирани нештата таму?
Не би можел со сигурност да кажам за другите градови кај нас, но можно е да има. За надвор од нашата земја, знам дека во Љубљана тоа е законски регулирано, каде градот обезбедува бесплатни парцели во и надвор од него, за неговите жители да се занимаваат со урбано градинарење. Имаат и направени студии кои покажуваат колку ваквата пракса позитивно влијае на нивната финансиска состојба но и на нивното физичко и ментално здравје. Така да во Европа и развиените земји тоа не е ништо ново. Таму оваа пракса одамна постои и како субкултурно движење и стил на живот, додека кај нас е сеуште доминантна миграцијата село-град. Но тоа се навистина урбани средини, каде што таа поларизација е природна реакција. Во нашата земја постои само мал зародиш на правно регулирани урбани градини и таков стил на живот, но тоа е незначително во споредба со развиените земји. Кај нас не постои таа спрега, бидејќи не ни постои урбаност во вистинска смисла на зборот. Урбаност како поим не е само бучава на коли, гужва на булеварот, зграда до зграда и борба за паркинг. Урбаност е солидна економија, пристоен животен стандард и развиена култура. Ние како општество сеуште не можеме да ја постигнеме оваа спрега, така што на некој начин сме загубени во транзитот.
Кој друг учествуваше во реализацијата на филмот?
Во реализацијата учествуваа и снимателот Кирил Шентевски, со неговата префинета естетска наклоност, способност за портретирање на емотивните нијанси и неговата дарба толку да се приближи на ликовите а тие да не се чувствуваат изложени. Монтажерот Горан Вуќиќ, со кој однапред знаев дека треба да го работам овој материјал, колега со изразена филмска интелигенција, емпатија и чувство за филмски наратив. Продуцентот Илија Тирицовски, кој веднаш го препозна потенцијалот на филмот, со своите идеи и ентузијазам беше моторот кој го водеше филмот низ неговиот развој и конечна реализација. Марко Наумовски, дизајнерот на звук, кој го оплемени звучниот пејзаж на филмот и го крена на друго ниво. И секако, ОХО Продукција и Пеце Талески, кој исто така го препозна неговиот потенцијал и застана позади него. Благодарност и до останатите членови на нашата мала екипа, како и Агенцијата за филм која финансиски го поддржа овој проект.
Многу ми е драго дека македонската премиера на „Градина" е токму на Македокс, бидејќи оттаму започна развојот на филмот и нашето филмско патување.
По светската премиера на Белдокс во Белград во мај оваа година и македонската премиера на Македокс, кои ќе бидат следните чекори на филмот? Дали самите учесници го имаат гледано и кои се нивните реакции.
Мислам дека секој автор сака неговото дело да биде видено од што поголема публика, да патува на фестивали и да има свој живот. Се надевам дека филмот ќе го продолжи својот фестивалски живот.
Што се однесува до самите учесници, се има случувано понекогаш да им покажуваме снимки од градините. Некои од нив го гледаа трејлерот. Но генерално повеќе беа заинтересирани за своите дневни обврски. На МакеДокс ќе биде првпат да го гледаат целосно и се надевам дека барем дел од нив ќе дојдат.
Илина, Букбокс