Пол Метјус е професор кој по изглед и по однесување е подвижен стереотип на здодевност. Примерот со „не се издвојувај од стадото“, кој тој често го цитира на предавања, како да важи повеќе за него отколку за зебрите со истоветни шари на слајдовите на неговата Пауер-поинт презентација, кои ја користат оваа оптичка измама за предаторите да не можат да ги разликуваат поединечните животни. И не дека Пол е среќен со ваквата пасивна улога - тој едноставно не знае да се наметне дури ни во ситуации во кои е во право и со години го одложува објавувањето на својата книга, додека колегите му ги крадат идеите.
Но целиот живот „под радарот“ одеднаш ќе добие друг тек, откако ќе стане јасно дека ќелавиот средовечен човек со старомодни очила им се појавува на сон, најпрвин на студентите и на колегите, но потоа и на случајни луѓе низ целиот свет (поради нешто особено плодна почва е Франција). Неговиот незабележителен лик одеднаш станува вирален, а содржината на соништата главна тема на социјалните мрежи. Во некои од нив тој повторно игра пасивна улога (разгледува вид печурки додека некого убиваат), но во други е доминантен и бизарно сексуално привлечен, каков што не е во животот. Одеднаш амфитеатарот е преполн со заинтересирани слушатели, медиумите се тепаат за негова изјава, а маркетинг агенциите го притискаат со понуди од нивните најдобри клиенти - сè што треба е да се слика со нивните производи, кои на тој начин сублиминално би им влегле во потсвеста (што значи и во соништата) на потрошувачите. Пол не е воодушевен, но вниманието му годи. А нели треба да се издава и се уште ненапишаната книга...
Виралноста почнува да се одмаздува во моментот кога Пол во соништата станува насилен. Веќе нема покани за гостувања, предавалната се празни, а тој не смее да присуствува ни на завршната претстава на ќерка си, за неговата појава да не ги вознемири останатите. Бадијала објаснува дека тој во соништата и тој во реалниот живот не се истите луѓе - вториот ни на мравка нема згазено, не па да гони некого со секирче. Всушност, се случува токму обратното. Лудак му влегува во куќа заканувајќи се дека ќе го убие, а полицијата ова ладнокрвно го објаснува со „данок на слава“ и советува алармен систем или селење на нова непозната адреса. Во арената на јавното мислење Пол ни крив ни должен едноставно станува убиец и е „канселиран“ и од универзитетот, и од студентите кои со спреј му испишуваат „лузер“ на колата, а богами и од сопственото семејство. Единствени кои со симпатии гледаат на неговиот случај обидувајќи се да го претстават како „отпораш“ се десничарите и, според зборовите на маркетинг агенцијата кои се уште се обидуваат нешто да ќарат, „оние на линија на Џордан Питерсон“.
Филмот е инспириран од наводно вистински настан од јануари 2006, кога пациентка на добро познат психијатар нацртала лице на човек кој и се појавувал во соништата, а кого никогаш не го сретнала. Излегува дека и други луѓе го препознале неговиот „фото-робот“, и до денес некои 8000 луѓе се уште тврдат дека го сонуваат, од Берлин, преку Њу Делхи до Техеран. Филмот можел да биде и пострашен/подлабок доколку повеќето од сцените (особено оние од соништата) не биле замислени како пародични скечеви. Затоа што колективното несвесно е такво, страшно и страшно насилно, особено кон оние кои во еден миг ги обожува, а во други ги мрази.
Илина, Букбокс