Едмунд Талбот е млад маж од високата класа кој на почетокот на 19 век се качува на брод за Австралија, за таму да ја преземе должноста на функционер во колонијалната управа. Во договор со својот кум, кој е всушност и заслужен што Талбот ја добива високата функција, тој води дневник, кој е некој вид замислена преписка. Иако името на кумот не е наведено, неговото невидливо присуство го обликува однесувањето на младичот, но и на сите оние кои знаат за оваа нивна врска.
Палетата на ликови на бродот го формира микро-општеството, во кое од една страна владеат истите социјални норми поврзани со полот, возраста и класната припадност како и на копно. Сепак, фактот дека станува збор за пловило среде океанот, каде тешко допира долгата рака на официјалната британска власт, ги прави овие норми лесно свитливи и предмет на лично толкување на оние кои ја имаат моќта на него.
Таков, ригиден и на моменти суров, е бродскиот капетан Андерсон, чии подредени, дури и да имаат различно мислење за нештата, не смеат да писнат. Споредни, но значајни ликови се и одреден број патници, кои во голема мерка се дводимензионални, за да се нагласи нивната типичност за сојот што го претставуваат - хистерична жена, арогантен атеист, чесен и емпатичен поручник со работничко потекло, куп агресивни морнари, буквално и фигуративно испечени од годините минати на океанот.
Речиси веднаш по испловувањето, а по фазата на морска болест, односите помеѓу жителите на овој подвижен дом почнуваат да се насетуваат, а потоа и да се исцртуваат во сета нивна јасност. Постои не само симболична, туку и физички видлива граница (обележана со бела линија) помеѓу кабините на побогатите патници и смрдливите и пренатрупани простории каде престојуваат емигрантите и посадата на бродот. Преку записите во дневникот, кои отпрвин се систематични и во наративот и во нумерирањето, добиваме слика за настаните кои потоа како да се прелеваат во приказна која на моменти повеќе наликува на сон или на халуцинација oд големите количества бренди или грог.
Во фокусот на заплетот постепено се лоцира свештеникот Коли, кон кого најпрвин Талбот нема посебни симпатии. Напротив, тој го прикажува дури и како комичен лик, блесаво облечен во својата свечена одежда, со згрешена фризура, изместена перика и инсистирањето на коректен однос помеѓу луѓе кај кои нема ни „џ“ од џентлмен. Но по инцидент во кој Коли практично се убива од срам, нештата за Талбот се менуваат. Свештеникот најпрвин е опијанет, а потоа веројатно со сила натеран да изврши „неприроден“ сексуален чин со еден од морнарите. И покрај настојувањата на капетанот да го документира случајот како несреќа, Талбот има свои сомневања. Тој го наоѓа дневникот на Коли и сфаќа дека и покрај сета театралност и наивност, тој бил мотивиран од вистинска вера во Бога и во луѓето. И не само тоа, туку дека верувал и во заштитничките намери и емпатијата на Талбот, нешто што нема основа во реалноста.
Овој настан кај Талбот поттикнува освестување и морален „премин“, низ кој тој созрева и станува подобар човек од оној што се качил на бродот на почетокот на патувањето. „Пристапни обреди“, како што е преведен насловот во македонското издание, оттаму би било посоодветно да гласи ОБРЕДИ НА ПРЕМИН. Ова од една страна ќе соодветствува со стандардниот стручен термин кој се користи во етнологијата и антропологијата (согласно насловот на книгата на Арнолд Ван Генеп од 1909), но ќе го содржи и терминот „премин“ кој е симболичен на повеќе нивоа за приказната. Премин од еден континент до друг, од една страна на бродот до друга, од човечкото зло кон доброто.
Романот ја доби Букеровата награда во 1980, а истиот е прв во тн. „морска трилогија“ на овој автор, кој три години подоцна го доби и Нобелот за литература.
Илина, Букбокс