Дени Зуко - Џон Траволта - со рокабили „кремчето“, дупчето во брада и крената јака на кожњакот. Сенди - русокоса, нежна и наивна дојденка од Австралија, која на крајот од филмот се претвора во шљифувана фам фатал. Приказна за млади луѓе со универзални проблеми (љубов, откачување, пак љубов, несакани бремености, љубомори, борба за статус алфа мажјаци и женки, судир со авторитети), зачинета со куп певливи хитови и носталгија по некое недефинирано, но посреќно време - ова беше победничаката формула на Grease, кога беше премиерно прикажан во кино салите во 1978.
Адаптација на истоимениот мјузикл од 1971 кој играше од Чикаго до Бродвеј, тој на почетокот од критичарите доби негативни критики. „Огромно разочарување за секој во потрага по стил или суштина“, напишал критичар на Гардијан, иако признал дека филмот е забавен. Токму тоа „забавен“ прави Брилијантин денес да е вториот најуспешен музички филмови на сите времиња - до пред една година всушност бил прв, додека не го претркал римејкот на „убавицата и Ѕверот“ на Дизни.
И покрај фактот што актерите во него изгледаа како да можат да бидат сопствени родители а не средношколци (Траволта, на 23, бил еден од најмладите), тоа беше приказна за брзи коли и романтична летна љубов, мешавина на мјузикл ром-ком и тинејџерски филм кој е и од академски интерес, како опис на една генерација и нејзиниот светоглед. Доктор Барбара Џејн Брикман, професор по медиумсски и родови студии на Универзитетот во Алабама минатата година објави книга за филмот под наслов „Брилијантин: род, носталгија и младешка потрошувачка во ера на блокбастери“. Според неа на времето Grease бил критикуван како реакционерно парче бела машка фантазија, време (1950-тите) кога момчињата можеле да бидат момчиња, жените си ги знаеле местата, и немало расен конфликт (додуша ни различност). Па сепак таа смета дека тој е важен како „девојачки“ филм - таков кој ја истражува тинејџерската женска блискост, но и нивните конфликти и двојниот сексуален стандард (изразен преку ликовите на „палавата“ црна Ризо и нејзиниот контрапункт плавата Сенди).
За да се одбележи 40-годишнината од неговото појавување, „Брилјантин“ се ре-издава за големо платно, а некои кино сали ќе прават и караоке (синг-алонг) верзија, во која гледачите ќе можат да пејат заедно со актерите. За луѓето кои некогаш го гледале, ова е повеќе од филм, и ги потсетува на детството или младоста кога замислувале да бидат како некој од кул ликовите. За оние помладите веројатно ќе биде „надминат“, и во смисла на содржина и на дизајн, но можеби ним пак ќе им се допадне певливата музика и духот на носталгија по време кое самите не го доживеале, но за кое слушнале од нивните родители. Ние сме во првите, иако се чудиме како некогаш сме можеле да ги фаќаме високите ноти во Hopelessly devoted to you, а веќе не...