На 20 септември, денот на основањето на Етнографскиот музеј во Белград, а по повод јубилејната 120-годишнина, отворена е изложба под наслов „С обрамицом низ пут“. „Обрамица“ е стап кој го користеле селанките како помошно средство за пренесување товар, со негово рамномерно распоредување на обата краја, за да може да се носи на рамо и да се одржува рамнотежа. На овој начин се пренесувала храна, стока за продажба на пазар, вода, и тоа многу повеќе отколку што би можело да се носи на рака. Лачно закривеното парче дрво имало „куки“ на краевите кои ги фиксирале кофите, кошниците или торбите. Во Србија се користени на село до шеесетите години на минатиот век, често украсувани со плитка резба или шмирглани за да бидат поудобни (помазни) за држење.
Иако биле во широка употреба, сепак станува збор за личен предмет, често планиран и изработуван исклучиво за одредена личност, па техниките на носење се прилагодувани на индивидуалната градба на носачот. Ги изработувале луѓе кои не биле занаетчии (мажите во семејството) согласно она што им се наоѓало при рака, иако можеле да бидат нарачани и од столари, колари и други кои се занимавале со обработка на дрво. За организацијата на изложбата било релативно тешко да се најдат вакви стапови бидејќи луѓето не сакаат да се разделат од нив, токму заради интимниот карактер на предметот.
Ваквите помошни средства ги користеле жените, а само по ислучок мажи, продавачи на топли напитоци или улична храна во балканските градови. По градовите можеле да се видат и жени кои разнесувале млеко и млечни производи за поимашните семејства.
Изложбата во Етнографскиот музеј во Белград ќе трае до 15 декември.