Во јануари 2020, само неколку денови пред првите патници инфицирани со Ковид-10 да слетаат во САД од Вухан, на пренаменет паркинг во Омаха, Небраска интензивно се работело на отворање нова институција. Случајно, по една деценија планирање, токму тогаш на ова место е отворен Националниот центар за обука, симулација и карантин.
Тајмингот не можел да биде подобар. Околу потребата за едно вакво место е зборувано уште од 9/11, а не помалку загрижувачки биле сериите напади со антракс и Сарс, што ја зголемиле загриженоста околу можниот биотероризам и глобалната закана од заразни болести. Лоциран на еднаква оддалеченост од обата брега, градот Омаха се прогласил за идеално место за изолирање луѓе потенцијално инфицирани со смртоносни зарази. На таа карта градот добил 20 милиони долари од Министерството за здравство на САД, пари наменети за градење на модерен, федерален карантин, со сите салтанати - апартмани со негативен притисок, мини фрижидери, телевизори и статични точаци, како во високо обезбеден, санитарно беспрекорен хотел. Само имало еден проблем - во тој „хотел“ имало вкупно 20 (дваесет) кревети!
Кога авторите на новата книга „Додека не се докаже дека е безбедно: историјата и иднината на карантинот“, Џоф Манау и Никола Твили, ја посетиле оваа институција во фазата на градба во 2019, нејзиниот директор бил оптимистичен околу планираниот обем. „Ако до сега сме немале никаков федерален карантин, ова ќе биде повеќе од доволно“, рекол со насмевка.
Kратко време потоа, стотици луѓе потенцијално инфицирани со новиот вирус слетаа од САД од Кина и наскоро целата земја беше ставена во карантин. Оној федералниот на крај сепак им овозможил престој на некои од патниците на крузерот Дајмонд Принцес, но тоа било капка во цунами.
Судбината на оваа институција во Омаха е само една од неколкуте фасцинантни приказни во спомнатата книга, чија поука звучи како онаа познатата: „Кога човекот прави планови, Бог се смее“. Исто како и карантинскиот хотел, и нивната книга била правена цела деценија, и како да го чекала вистинскиот миг, а тоа е токму сега. Нивниот интерес за различните видови изолација поради болести и природни катастрофи датира од заедничката изложба „Карантински пејзажи“ во Њујорк од 2010. Од тогаш се шетале по болници за третирање болни од чума во Венеција од 15 век, се симнувале во рудници за сол кои се користат за складирање нуклеарен отпад во Њу Мексико, се инфилтрирале во најчистите простории во НАСА и ги регистрирале различните ексцентрични ликови кои тивко се занимаваат со лични походи за безбеден живот на оваа планета, која според нив и не делува баш безбедно.
Една од тие приказни се однесува на импресивен „лазарето“, вештачки остров близу Анкона во форма на петостран паноптикон кој бил правен за изолација на болни од чума, но успеал да се пушти во употреба дури во 1743, кога чума во Италија веќе немало. Поглавје посветено на интерпланетарните карантини, пак, делува надреално. Во НАСА постои работно место „Планетарен офицер за заштита“ чијашто улога е да го заштитува целиот универзум од човечка контаминација. Тоа значи дека таа (да, женско е) е задолжена со „невозможната уметност на моделирање ризик при целосно отсуство на релевантни податоци, и при огромна закана и по човештвото и по вселената“. Генерално ова се сведува на едно правило: сето она што се праќа во вселената да биде многу, многу чисто - деконтаминирано од секаква трага на земска биохемија. Но ова на крај излегува бадијала, кога луѓе како Илон Маск ќе испратат нестерилизирана Тесла во орбитата.
Најморничавиот детал во врска со карантините во книгата е сепак овој - според правилата на оригиналната мисија Аполо 11 до месечината, доколу астронаутите се врателе контаминирани со вонземска зараза, требало да бидат закопани живи под брдо цемент.