Поезијата/стиховите за песните на Спрингстин ќе станат тема на теолошки курс на Универзитетот Рутџерс во неговата родна држава, Њу Џерси. Професорот Азан Јадин-Израел, кој предава рана рабинска книжевност на одделението за еврејски студии, ќе го држи едносеместралниот курс на оваа тема. Според него она што е интересно што Спрингстин повеќе пишува за она што се случува во Стариот, отколку во Новиот завет.
„На книжевно ниво Спрингстин често пренесува библиски ликови и приказни во американскиот пејсаж. На пример песната Adam Raised a Cain зборува за нарушениот однос на Брус со неговиот татко преку призмата на библиската приказна за првиот човек и најпознатиот старозаветен син; песната The Promised Land е за мачниот преод на едно момче кон машкоста, а спасувачите од 9/11 во Into the Fire се издигнуваат ’високо во пламените јазици’, исто како што пророкот Илија се крева кон небесата во кочија од пламен“, вели Јадин-Израел.
Тој додава дека најдоминанти теолошки мотиви се оние на искупување и духовноста на секојдневниот живот. Спрингстин според него се обидува да ги пресели моќните верски симболи кои вообичаено асоцираат на некаква апстрактна, трансцедентна реалност, во нашиот секојдневен живот. Особено отворено пишува за верата во подоцнежните албуми.
Ова не е прв пат Спрингстин да е факултетска тема. Престижниот Принстон понудил курс „Социологија од Е-стрит: Америка на Спрингстин" (името на бендот кој го следи од 1972). Во последниве години станаа вообичаени и други академски аспекти на поп музиката - Универзитетот на централен Ленкешир најави курс по менаџмент во музичката индустрија, кој се фокусира на погрешното раководење на Хациенда, некогашен клуб во Манчестер, а ментор на студентите ќе биде Питер Хук од Њу ордер, кои заедно со Фактори рекордс биле основачи на клубот.
Извор: Гардијан
Аdam Raised a Cain (со стихови)
The Promised Land