На почетокот на 20 век се случило преклопување на неколку фактори - научниците почнале повеќе да се занимаваат со генетика и наследни особини. Во САД за прв пат се промовирале политики за еугеника, поради наводно подобрување на генетскиот квалитет на човечкото население со исклучување цели народи или групи, за кои се верувало дека поседуваат инфериорни карактеристики. Истовремено со овие тенденции, населението чија бројност постојано се зголемувала барало поевтино a квалитетно месо и млеко.
Како резултат на сето ова, во 1920-тите, Министерството за земјоделие на САД (USDA) организирало судење на бикови, за да се одреди дали животното е соодветно за да се репродуцира, односно дали неговите потомци би дале доволно добри продукти за човечка исхрана.
Програмата на владата започнала во 1919 под името „Подобри мажјаци - подобра стока“, а нејзина цел било охрабрување на млекопроизводителите и одгледувачите на говеда да купуваат „чистокрвни“ бикови, за на тој начин полека да се истребат оние со поинфериорни карактеристики.
Како дел од кампањата биле организирани театрализирани, но убедливи „судења“ низ позначајните сточарски делови од Америка. Притоа, пред строгиот судија и поротата било изнесувано едно животно, кое било обвинето за тешки злодела - на пример за тоа дека не бил профитабилен прехранбен производ, или дека неговата репродуктивна моќ била ниска. Ова било толкувано како кривично дело „кражба“, односно дека бикот со тоа што троши ресурси а не возвраќа на заедницата практично краде од неа.
Судењата биле организирани и доживувани како забава. Имало и дофрлања, хумор, дружење, освен за сиротиот бик. Кој многу лесно од денешна перспектива може да се спореди со човек, со оглед на тоа што истовремено со одржувањето на овие „претстави“ во 29 американски држави биле прифатени закони кои дозволувале присилна стерлизација на луѓе за кои се сметало дека не се соодветни за репродукција. Ваква судбина им била одредена на најмалку 64,000 Американци.
Освен судењата, доктрината на „чистокрвни животни“ била ширена и преку памфлети. Извесен Далак Стоквел Бирч кој работел за Министерството за земјоделие напишал ваков текст, кој на 23 страници меѓу другото нудел и начини за луѓето сами да си организираат вакви судења. Се препорачувало на местото на судијата и судските службеници да има вистински професионалци, кои знаеле како да се снајдат во една таква ситуација. А во случај да не може да се ангажира соодветен кадар, имало и сценарио за судијата, до кое тој додуша не морал да се држи дословно. Биле поттикнувани шеги и локални „доскочици“. Бикот имал право на адвокати кои тврделе дека тој не е виновен за сопствената природа. Но ако навистина се покажело дека неговиот живот е безвреден (а секогаш било така), тогаш судбината му била запечатена - од судницата одел директно на скара.
Само едно судење завршило во корист на бикот. Во јули 1930, животното било изведено пред суд во присуство на 800 луѓе во Нелсвил, Висконсин. Но пред да биде убиен, тој успеал некако да избега во блиската шума. Мала, но значајна правда за сите „недоволно вредни“ бикови од неговото, и од сето човечко време.