Браќата Пате (Pathé) во Франција биле нешто како нашите Манаки, само што биле четворица. На почетокот на 20. век нивната фирма станала најголемата компанија за филмска опрема и продукција на светот. Во 1908 ги измислиле филмските журнали, исти онакви какви што одеа и пред филмовите и во нашите кина.
Сега британскиот огранок на Пате качи 3,500 часа историски снимки на Јутјуб. Тие ги покриваат првите 70 години од 20. век, a се работи за дури 85,000 кратки филмови. Она што успеавме да го ископаме со помош на Гардијан е мешавина на забавно, бизарно и историско. Еве од сето тоа по нешто:
Снимка на која Мики, „најдобриот кучешки скокач", прескокнува преку речиси триметарска ограда, без да се повреди. Годината е 1930, а од тоа време е и веселата музика (ова е од деновите пред воведувањето на громогласни коментари со спикер на клиповите)
Клип со „најдебелото бебе на светот" Лесли Боулс, кое на тригодишна возраст тежи 63 килограми, и заради тоа не може да оди. Коментарите на спикерот се баш сурови.
Смртоносниот скок на Франц Рајхелт од Ајфеловата кула во обид да го тестира неговиот рачно направен падобран. Случката е од 4. февруари 1912. Завршува со тоа што насобраната толпа ја мери дупката која тој ја направил забивајќи се во земја.
За крај една плејлиста од уште неколку апсурдно-гротескни настани, од човекот-риба кој се обидува да преплива базен закачен на рибарски стап и јадица, преку свадба на јаже оптегнато над градскиот плоштад во Тулуз без заштитна мрежа (добра симболика), па до антрополошки релевантен луд танц на еден Пигмеец.
„Архивата е богатство од историско и културно значење и тоа никогаш не смее да биде заборавено", изјавил Алистер Вајт, генерален директор на британското Пате. Има и такви кои навистина опишуваат значајни историски настани, како бомбата над Хирошима или смртта на Мерлин Монро. Ама овие погоре само покажуваат дека човечката опсесија со зазорното и бизарното (види рубрика „Стигнавме на дното") не е ни од сега, ни само од тука.