Се вика Лора Мејденс, има 34 години, и местото библиотекар во Рокнерол халата на славните го добила во почетокот на септември, во голема конкуренција на пријавени. Иако е кратко време на работното место, таа веќе има сочни анегдоти за некои од aртефактите кои се чуваат во библиотека.
Така, во текот на каталогизирањето на новопристигнати предмети нејзин колега наишол на донирана книга - примерок од серијата француски графички новели „Барот кај Џо“ . На внатрешниот дел од корицата имало белешка во која некој убедувал пријател да одат заедно на Јамајка, и дека супер ќе си поминат. Наведен бил и телефон за контакт. Но потписот не било лесно да се дешифрира бидејќи изгледал како чкрабаница. На Лора првата буква и се видела како К, а првата од презимето како Р. Почнала да пребарува потписи на славни личности на Гугл, и наишла на идентичен на Кит Ричардс. Одеднаш стрипот добил сосема нова вредност, на релевантен предмет за спомнатата колекција.
Но уште подобар е следниов - цела кутија картички за католичка миса за сите членови на Рамоунси. Вакви картички се купуваат од локалните цркви за живи или за починати, како некој вид ваучери за одржување миса во нивна чест. Некој обожавател на Рамоунси купил куп вакви за Ди Ди, Џои, Џони и Томи, за тие постојано да бидат споменувани во молитви и на миси во семинаријата на Светите Апостоли во Кромвел, Конектикат.
Иако библиотеката располага со сериозно количество материјал, кој главно се користи од истражувачи кои пишуваат биографии или книги за одреден музичар, како и од музички критичари, луѓето кои работат во неа се вистински музички фанови и си ја сакаат работата. Тука не владее стандардната крута атмосфера на големите библиотеки, читателите не се замолчуваат со ш’шкање, а кога има концерт во Халата вратите ширум се отвараат за музиката да влезе меѓу книгите.