Сергеј Дмитриевич Меркуров, роден 1881, бил познат советски скулптор од грчко-ерменско потекло. Бил член на Советската академија на уметности, а неговите најславни дела се трите најголеми споменици на Сталин во бивша СССР. Но тој очигледно покажувал интерес и за други уметнички жанрови.
Се работи за еротски буквар печатен во Советскиот сојуз околу 1931 година. На повеќето сајтови кои објавуваат делови од него, пишува дека на овој начин Сталин сакал да ја шири писменоста на целата територија на земјата, но ова е секако шега. Меркуров, кој е автор на цртежите, бил инспириран од античката еротска уметност - сатири, купидони и летечки пениси - и неговата цел не била описменување, туку можеби прикриена иронија кон системот на цензура и лажен морал, од кој додуша фино и живеел. Или пак заради тоа што во неговата официјална професија се занимавал со (буквално) тешки материјали и теми, и освен споменици на тогашните великани изработувал и посмртни маски - како оние на Лео Толстој или Максим Горки - Меркуров со овие цртежи едноставно сакал да се релаксира.
Ако се сеќавате и во наша Бушава азбука имаше рубрика „Лична карта" во која актерите со телата формираа букви (види клипче). Епа книгава е базирана на истата идеја, само во многу побезобразна варијанта.