„Фулер кат“ во Ипсиланти, Мичиген е повеќе од место каде локалците се шишаат. Ако некој од нив реши да чита од купчето книги кои стојат на располагање, добива попуст.
Рајан Грифин, кој веќе две децении работи во берберницата, ја добил идејата откако чул за слична опција која ја нуди берберница во Харлем. Бидејќи кај него главно се шишаат Афро-американци, деца и момчиња од маалото, тој ги наполнил полиците со книги кои содржат „позитивни претстави“ за нив - астронаути, детективи и кошаркари, чии авантури децата ги читаат на глас додека Рајан им прави фризури.
За разлика од други берберници кадешто се прави истото (во Хјустон, Ајова, Коламбус), тука за два долари попуст децата треба и да го раскажат она што го прочитале и да одговорат на прашања. Книгите од кои се чита се главно донации, а наставниците во околните училишта го поздравуваат потегот, бидејќи секаква помош во читање и разбирање на прочитаното за овие деца значи многу.
„Знаете, можеби еден ден некое од овие деца ќе стане новинар, писател и ќе рече ’Кога бев мал, берберот ме тераше да читам’“, вели Грифин.
Во текот на изминатата година на овој начин се шишале над сто деца. И родителите ги поттикнуваат децата да ја одберат оваа опција, овозможувајќи им двата заштедени долари да си ги земат за џепарлак. Кај нас и дваесет денари ќе завршат работа.