Пред една недела (2.12.), на концерт во Медисон Сквер Гарден во Њујорк, членовите на рок бендот Кис го завршија своето финално шоу со необична изведба. Откако ја напуштија сцената, секој од членовите беше заменет со дигитален аватар, кој продолжи со песната: „Бог ви го даде рок'ен ролот“, која вообичаено ја изведуваат на бис. Тоа всушност беше вовед во нивниот вечен дигитален живот.
Четири години од почетокот на нивната проштална турнеја и над 20 години од првичната „проштална“, Џин Симонс, Пол Стенли, Ерик Синер и Томи Тајер направија место за четири верзии од своите помлади јаства: Демонот, Ѕвезденото дете, Кетмен и Спејсмен. Сепак, виртуелните изведувачи не се прецизни копии. Тие имаат супер моќи, како крилја или флуоресцентни прсти - вистинска „суперхејорска“ верзија на бендот.
Аватарите се изработени со помош на технологија на регистрирање движења и се производ на соработка помеѓу Индастријал Лајт енд Меџик (компанијата на Џорџ Лукас за специјални ефекти) и шведскиот конгломерат Попхаус Ентертејмент. Претходно истите создадоа виртуелно „АББА“ патување во Лондон, шоу кое беше изведено од дигиталните аватари на бендот и заработи над 2 милиони долари за една недела.
Иако бендот е првиот во САД кој се „преточува“ во дигитална верзија од самиот себе, тој е познат по поместување на границите на технологијата и спектаклите, со вклучување на голтање оган, лебдечки тапани и плукање крв во настапите уште на почетокот на својата кариера.