Истражувањето, чии резултати се објавени пред неколку дена во Proceedings of the National Academy of Sciences of USA траело две недели, а вклучувало 12 млади и здрави возрасни мажи и жени, кои минале низ двонеделен експеримент. Една група читала е-книга четири часа пред да појде в кревет, а другата во истиот период читала книга на хартија. На првите потоа им биле потребни во просек 10 минути подолго за да заспијат, а самите изјавиле дека биле помалку поспани еден час пред да појдат в кревет, во споредба со втората група. Освен тоа, на првите следното утро им било потребно повеќе време за целосно да се разбудат и да постигнат исто ниво на подготвеност во споредба со останатите.
Авторите на текстот, меѓу другото, тврдат дека квалитетот на сонот и неговото траење е намален во последните 50 години, со негативни последици по здравјето. Една од причините е токму употребата на електронски уреди пред спиење, како што тоа го правеле учесниците во студијата, кои читале на ај-пад. Но истиот ефект би го имале и други апарати, затоа што светлината којашто ја емитираат речиси сите е-читачи блеска директно во очите на читателот, што го „лаже" организмот дека е всушност дење. Еден од ефектите на таа тн. „сина светлина" е што го потиснува нивото на „хормонот за спиење" или мелатонинот, и го намалува количеството и времетраењето на длабокиот сон, односно таканаречената REM фаза.
И тоа не е сè - резултатите од споменатото истражување ја поврзува хроничната суперсија на мелатонинот заради изложеност на ноќна светлина и со зголемен ризик од рак на простата, на гради и на дебело црево, како и со дијабетис и прекумерна тежина. Ова звучи како некаква завера против производителите на електронски читачи скована од современите Гутемберговци, но овие предупредувања можат да имаат и добра страна - гасејќи ги електронските уреди порано пред спиење, ни останува повеќе време за муабет (и гушкање) со ближните.