Во секојдневната потрага по интересни вести и информации, наидовме на подкаст на францускиот Ле Фигаро на тема пцовки. Насловот е „Од сакребле до башибозук“ и ги покрива најчестите изрази во францускиот со кој се изразува(ла) лутина и гнев кон соговорникот, кон себе или кон целиот свет.
Sacrebleu е еуфемизам добиен со намерно погрешно изговарање на sacre dieu (ние би рекле - Боже Господе), за да се избегне залудното спомнување на Божјото име. Второто е поинтересно бидејќи се поклопува со израз кој го користиме и во македонскиот. Башибозук буквално значи „човек кој е нетокму во главата, лудак“, но тоа истовремено било име и на нерегуларната војска на Отоманската армија која била повикувана на помош во време на војна. Тие војници произлегувале од сите етнички групи во царството, вклучително и од робови од Европа или Африка. Нивната храброст била фалена, но недисциплината и бруталноста од нивното име направиле термин со пежоративно значење. Вакви трупи имало и во текот на Илинденското востание во Македонија, каде палеле и пљачкале.
Како овој термин стигнал до Франција која никогаш не била под Турците? Според француските речници тој се прелеал во овој јазик во текот на Кримската војна (1853-1856) која се водела помеѓу Руската империја и коалиција формирана од Отоманското царство, Франција, Велика Британија и кралството Сардинија. Една од неговите чести појави во популарната култура на француски е во комичниот серијал „Авантурите на Тинтин“, каде се користи како навреда од страна на еден од ликовите, капетан Хедок.
Европската култура можеби имала зазор од овие „распашани“ башибозуци, но истовремено била и фасцинирана од нив. Токму во 19 век францускиот уметник Жан-Леон Жером направил повеќе портрети под овој наслов, со аристократско држење на „субјектите“, кои се облечени во свила и разнобојни шамии, и изгледаат спротивно на нивната стереотипна брутална репутација.