Документарец за дадилката-уличен фотограф

Барајќи ја Вивијан Маер

Документарен филм чија премиера во САД се случи во март оваа година, а во Британија токму денес (18.7), зборува за ликот и делото на една таинствена жена, која за време на животот направила повеќе од 150,000 фотографии за кои до скоро никој не знаел. Сега тие се вбројуваат во врвот на уличната фотографија.

Пред седум години еден млад историчар од Чикаго, Џон Малоф, дошол до неверојатно откритие. На аукција тој за 380 долари купил кутија неразвиени фотографски негативи која ѝ припаѓала на мистериозна жена под име Вивијан Маер. Но тоа бил само почеток на приказна, за која сега е снимен и филм.

Документарците во кои се трага по некој заборавен или во негово време недоволно ценет уметник се секогаш интересни. Овој наречен „Барајќи ја Вивијан Маер" (што е можеби намерна асоцијација на „Барајќи го Шугармен") е резултат на потрагата на Џон Малоф, среќниот купувач на кутијата негативи, по авторката на неверојатно доби црно-бели фотографии, на кои главно се прикажани урбани сцени од улиците на Њујорк, Чикаго и Лос Ангелес, како и такви направени при едно нејзино патување низ светот, кое ги вклучувало Манила, Банкок, Шангај, Индија, Сирија, Египет и Италија.

Родена 1926 во Њујорк, Маер дел од детството поминала во Франција, а по враќањето во САД цели четириесет години работела како дадилка. Во текот на тој период таа направила 150,000 фотографии, кои останале непознати до нејзината смрт во 2009, кога ги пронашол Малоф и почнал да ги постира онлајн. Повеќето од луѓето кај кои работела (и истовремено живеела во нивните куќи, со посебна соба некаде на таванот) немале појма со што се занимава таа во слободното време, а ја опишуваат како „феминистка, многу директна но истовремено таинствена кога се работи за приватниот живот, вистинска Мери Попинс".

Во студијата каде ги развивала фотографиите негативите ги оставала под лажно име, и иако очигледно уживала во она што го работела, немала амбиции јавно да истапи со своето хоби. Откако Малоф ја купил кутијата, сфатил дека постои еден цел магацин изнајмен на нејзино име, каде освен 17,500 црно-бели негативи имало и над 900 ролни во боја, како и триесет 8мм филмови. Она што е интересно, е што Вивиjaн собирала и аудио ленти на кои биле снимени разговори со нејзините „субјекти".

Маер починала на 83 години откако паднала на мраз и си ја повредила главата, до крајот на животот останувајќи таинствена во врска со нејзиниот уметнички ангажман. Но љубителите на фотографијата во неа сега пронаоѓаат еден сензибилитет рамен на оној на Картие-Бресон и другите признаени величини на уличната фотографија.

Повеќе за неа и нејзините фотографии на официјалната страница посветена на нејзиниот лик и дело.

Трејлер за филмот:

 
18 јули 2014 - 15:28