Диксон Чибанда е психијатар од Хараре, Зимбабве, еден од само 12-те специјалисти во оваа област во земја oд над 16 милиони жители. Ваквата бизарна статистика е типична за суб-сахарска Африка, каде соодносот на психијатри и граѓани е еден на секој 1,5 милиони луѓе. Во некои африкански земји нема ниту еден психијатар. Оттаму, често се случува дури и оние кои се одлучиле да појдат на доктор да не ја добиваат потребната грижа навремено и соодветно. Освен тоа, за голем дел од населението посетувањето психијатар е стигма и знак дека станува збор за лудило.
Еден настан го поттикнал Чибанда да размисли за алтернативни начини на пружање психолошка поддршка. Една вечер тој добил повик дека негова пациентка се обидела да изврши самоубиство. Болницата каде што била сместена се наоѓала на оддалеченост од 160 километри. Чибанда се договорил со тамошните доктори веднаш штом биде отпуштена од болница таа и мајка ѝ да дојдат кај него за да продолжат со третманот.
Но поминала една недела, па уште една, но Ерика ја немало. Најпосле Чибанда добил повик од мајката дека таа се самоубила три дена претходно. Кога ја прашал зошто не дошле кај него како што било договорено, таа му рекла: „Немавме 15 долари за автобус до Хараре“.
Во месеците кои следеле Чибанда не можел да престане да мисли на овој случај. Затоа што немањето основни средства за да се помине оддалеченоста до првиот доктор не е исклучок, туку правило за населението во неговата земја, на коешто му е потребна психолошка помош не само поради тешката економска ситуација, туку и затоа што четири генерации претходно имаат преживеано војни, масакри и други насилства.
Она што тој го смислил не е вложување средства во обука на повеќе психијатри, туку ангажирање на - баби. Во културата на Зимбабве, каде над 90 проценти од населението припаѓа на племињата Шона и Ндебеле, жената, а особено повозрасната жена, има голема улога во семејниот и јавниот живот. Бабите на самиот Чибанда биле такви, силни индивидуи, кои биле и образовани, но и мудро раководеле со домаќинството и семејните односи. Тој најпрвин ангажирал десетина возрасни жени, кои поминале курс за основните техники на интервјуирање на соговорникот, лоцирање на проблемите и доаѓање до начини за нивно практично решавање. Биле поставени „клупи на пријателство“ на кои бабите и нивните соговорници седнувале и си разговарале, како вистински пријатели. Проектот станал толку популарен, што биле потребни сè повеќе и повеќе баби. Од 2006 до денс Чибанда и неговиот тим обучиле над 400 жени, кои оваа работа ја вршат бесплатно во повеќе од 70 заедници во Зимбабве. Само во тек на една година Пријателската клупа помогнала на над 30.000 луѓе. Сега целта на основачот е поамбициозна - да создаде глобална мрежа на баби во секој голем град во светот.
Иако Чибанда бил оној кој ја осмислил целата работа, во епизода на подкастот „Мала промена на плановите“ (Slight Change of Plans), тој објаснува дека всушност во голем број ситуации бабите го обучувале него. На пример, тој најпрвин сакал клупите да се викаат „клупи за ментално здравје“, но тие го предупредиле дека тоа звучи многу „суво“ и дека на тој начин никој нема да ги прифати. Исто така требало да се променат и термините преку кои се зборува за менталното здравје. Наместо „депресија“ бил предложен зборот куфунгисиса, локален термин за „премногу мислење“ на јазикот шона.
Голем дел од оние на кои им е потребна помош се жртви на семејно насилство, ХИВ-позитивни пациенти и луѓе со финансиски и други проблеми. Колегите на Чибанда од цел свет се согласуваат дека ова може да биде корисна алатка, дури и во побогати земји, и дека покрај баби можат да бидат вклучени и повозрасни мажи и претставници на други вообичаено маргинализирани групи.