Некој инспириран од цветањето на дрвјата во Индија го пишува првиот стих. Друг од Кина го бендисува, и се надоврзува со свој. На крај некој од Македонија со финалниот стих ја заокружува песната.
Сето ова се прави преку апликација која се вика HaikuJAM, која служи за поврзување на луѓе со исти креативни интереси, и заедничко создавање поезија и дигитална уметност. Во моментов стих или фотографија се постираат секои 7 секунди, а секој ден корисниците ја отвара апликацијата во просек по 15 пати и „џемува" по 35 минути. Во тек е и кампања за најдобри кратки песни, кои ќе бидат објавени во книга за која средства ќе се собираат онлајн.
„Таа беше комета која
леташе низ вселената
за да ме сретне мене"
- гласи една од песните. Или:
„Кога малите скокнаа
на нивните стари срца
брчките им се насмевнаа"
Песните не мора да ја имаат строгата структура на хаикуата (5-7-5), но доволно е да се инспиративни и да чинат една целина.
Апликацијата е прогласена за една од 50-те најдобри во светот според Гардијан.