„Хукд“ (Hooked) e апликација, наменета пред сè за тинејџери, на кои испраќањето дигитални пораки им е „природен“ начин на читање и пишување. Таа во моментов е на врвот на списокот на најдаунлодирани апликации (повеќе од 10 милиони симнувања), а преку неа може да се составуваат или читаат приказни кои се развиваат преку пораки на ликовите.
Создавачите на апликацијата имале желба да ја искористат зависноста од постојаното проверување пораки на мобилен и неа да ја претворат во нешто поздраво и покреативно. Тие го нарекуваат нивниот производ „фикција за генерацијата која е на Снепчет“.
Кога ќе ја отворите апликацијата изгледа како да ѕиркате во нечиј чет. Но ако се зачитате, има тука и трилери, на пример кога некоја девојка ѝ пишува на мајка си за чуден звук кој доаѓа од подрумот, или психолошки драми, како во една од приказните за терапевт кој преку чет се обидува да му помогне на свој пациент.
Иако фрагментарноста која се должи на чет-форматот најдобро функционира кај трилерите, апликацијата содржи и приказни од други жанрови - научна фантастика, мистерија и љубовно. Во моментов има неколку илјади приказни, напишани и од познати автори и од корисници на апликацијата. Таа е бесплатна, иако има ограничување колку може да се чита при едно отварање. Претплатата е 2.99 долари неделно или 7.99 месечно за неограничено читање.