Морис се родил во богато семејство во она што денес е Њујорк. Завршил правни студии, станал адвокат, но набргу почнал политичка кариера која ќе го донесе до високи функции. Бил „аристократ во душа“ и верувал дека ниту едно цивилизирано општество не може да опстане без богатите и образованите - „обичните“ луѓе според него биле неспособни за спроведување демократија, бидејќи по дефиниција се подложни на корупција. Сепак, бил против домашното ропство, и сметал дека целта на американскиот Устав е да ги заштитува правата на сите граѓани.
Во приватниот живот бил познат женкар, а посебен мерак имал на писателки. По врските со една француска и со една американска авторка, се оженил на 57 години со речиси 20 години помлада жена. Не му пречело тоа што уште од младоста имал дрвена нога, како резултат на несреќа со кочија. Некој хејтер тогаш забележал дека со оглед на тоа колку бракови расипал, подобро ќе било кочијата да му отсекла некој друг орган.
Ова излегло како клетва, бидејќи по свадбата здравјето на Морис почнало да опаѓа. Страдал од гихт, и бидејќи „официјалните“ лекови не помагале почнал да се самолекува, со пуштање крв и билки. Но најголем проблем му бил уринарна блокада, која резултирала со инфекција. Во паника поради тоа што не може да мокри, Морис се обидел да ја исчисти раната со вметнување игла од китова коска во пенисот (најверојатно земена од корсетот на жена му), за да му биде некој вид катетер.
Ова не му било прв пат вака да си ја отпушува уретрата. Но овој, вториот, се покажал како фатален. Внатрешното ткиво било расечено, се воспалило и тој починал на 6 ноември 1816, како последица на инфекција на пенисот.
Секако, ќе било многу незгодно медиумите да ја пренесат оваа вест за човеко кого го сметале за еден од татковците на нацијата. Тие се послужиле со флоскулата „по кратко боледување“. Кое за него сигурно траело предолго.