Оддалечен 54 километри од копното на Северна Каролина, островот Окракоук е прилично изолиран. До него не може да се дојде со автомобил бидејќи нема мостови, а нема ниту аеродром, па единствена опција се бродови. Во раниот 18 век островот бил идеално место за криење на пиратите, бидејќи никој не се решавал да се ака по напуштени плажи и шуми во потрага по нив.
Ова го знаел извесен Вилијам Хауард, кој бил дел од посадата на бродот на славниот капетан Блeкбирд, „Одмаздата на кралицата Ана“. Кога во 1717 кралот Џорџ Први им понудил генерално помилување на сите пирати, Хауард се пријавил, но за разлика од неговите „колеги“ неколку децении потоа не се појавувал во јавноста. Неговото име повторно почнало да се спомнува дури во 1759, кога го купил островот Окракоук за околу 100 британски фунти, од човек по име Ричард Сандерсон, судија и подоцна функционер од Северна Каролина.
Хауард се преселил на сопствениот остров со уште неколку поранешни пирати, што било почеток на формирање заедница на искусни морепловци, кои помагале околу раководењето на трговските бродови во областа. Тие соработувале и со домородно северно-американско племе под име Вокон. Целата оваа мешавина од само 200 домородци, англиски морнари и пирати довело до интересна лингвистичка размена и претопување на зборови и дијалекти, што на крај резултирало со специфичен начин на зборување.
Денес ова е единствениот американски говор кој не е идентификуван како американски. Неговиот изговор, граматичките структури и речникот не можат да се најдат на друго место во Северна Америка. И ова е логично ако се земе предвид дека групата околу Хауард живеела речиси целосно изолирано скоро два века. Електричната струја на островот е воведена во 1938, а ферибот во 1957. Денес на островот живеат 948 жители, и нивниот живот е прилично различен од оној на копното.
Чип Стивенс, 56-годишен жител е директен потомок на Хауард и го држи локалниот хотел „Блекбирд лоџ“. Тој тврди дека треба да си посебен карактер за да можеш да го живееш изолираниот живот на островот, но дека во тоа има и убавина. Наместо кино сали има театарски групи на отворено. Нема супермаркети туку локални чајџилници, продавници за зачини и други семејни пиљарчиња. Автомобилите се дозволени но повеќето луѓе не ги ни возат. Сите деца одат во едно училиште, а најчестите професии се рибарство, производство на пиво и дрводелство.
Што се однесува до јазикот една од карактеристиките е дека „ај“ (I) звучи како „ои“, па на пример „хај“ се изговара „хој“ (како во името на дијалектот „хој тојдер“, како што О’кокерите велат за висока плима). Некои изрази се исто така задржани „од старо време“, како „момук а бак“ што значи да зафркаваш некого. „Пицер“ е преземено од италијанскиот „пјаца“, но тука не значи плоштад туку тераса пред куќа. „Куамиш“ значи болен, и потекнува од збор со исто значење во англискиот од 16 век, qualm.
Сепак, традицијата да се зборува овој дијалект полека исчезнува. Она што останува се некои други културолошки елементи кои тешко дека ќе исчезнат, дури и кога веќе нема да се зборува „хој тојдер“. Една од карактеристиките на изолиран остров е развивањето способност за прилагодување на околностите, па така едно од традиционалните десерти - колач со смокви е настанат кога некоја жена немајќи урми за оригиналниот рецепт нашла исушени смокви од сопствениот двор во шкафот. Сега секој август островот организира Фестивал на смокви, кога се пејат и песни на специфичниот дијалект, мешавина на англиски, ирски, шкотски, пиратски и кој знае уште какви не влијанија.