„Луѓето како Вуди Гатри или Артур Милер го имаат фатено духот на Маркс подобро од што тоа го има направено Ленин. Американската прогресивна традиција е вистинската ризница на марксистичката мисла", изјавил тој.
„Сè што е цврсто се топи во воздухот, сè што е свето се сквернави, а човекот најпосле мора да се соочи со трезвени сетила со вистинските услови на неговиот живот, и со неговите односи со другите луѓе." Ова е реченица од првото поглавје на Манифестот на Комунистичката партија на Маркс и Енгелс, која Маршал Берман ја има искористено за наслов на неговата најпозната книга, „Сè што е цврсто се топи во воздухот: искуството на модерноста" (1982). Таа претставува пофалба на модернизмот, но и отпор кон постмодерните идеологии, за кои Берман сметал дека се бездушни и дека не нудат надеж.
Да се биде модерен значи да се искуси личниот и општествениот живот како вртлог, да се набљудува сопствениот свет и себеси во постојана дезинтеграција и обновување, мака и страв, дуалност и контрадикција: да се биде дел од универзум во кој сè што е цврсто се топи. Да се биде модерeн значи да се биде среде тој вртлог како дома.
Берман во книгата го следи процесот на модернизација низ уметноста, литературата и архитектурата - од Гете, Маркс и Достоевски, до Бодлер, Пушкин и историјата на Њујорк. Но освен со голема ерудиција тој се карактеризира и со голем оптимизам, и во пишувањето и во јавниот ангажман. Голема љубов му бил родниот Бронкс и Њујорк. Особено го болел засилениот процес на урбано планирање на сиромашните градски населби, кое толку ја крева цената на имотот и услугите во тој дел од градот што дотогашните негови жители не можат веќе да си дозволат да живеат таму. Токму тоа според многумина сега се случува на Менхетен - местото каде Берман го минал целиот негов живот. Тој почина од срце на 11. септември.