Аристофан во неговата комедија „Жени во собранието", напишана 392 години пред нашата ера, зборува за револуционерен чин на жените на древната Атина, кои преправени како мажи влегуваат во парламентот и успеваат да ги добијат потребните гласови за промените кои сакаат да ги воведат. Системот кој го предлагаат се базира на еднаквост и на поделба на ресурсите според потребите, при што сите домаќинства треба да се здружат во еден вид заедница и да се хранат на јавен трошок - доволно елементи за овие идеи подоцна да бидат етикетирани како „комунистички".
На страницата на Локалната мрежа за размена и солидарност на областа Магнезија во Грција (во и околу градот Волос) сепак не се цитира Аристофан туку - Џон Ленон. „Замисли дека луѓето го споделуваат светот, дека нема потреба од aлчност и глад, замисли" е мотото на оваа организација која се базира на три принципи: рамноправност, транспарентност и солидарност. За неа прв пат слушнавме во 2010, кога во областа беше воведена валутата ТЕМ (Топики Еналактики Монада) или локална алтернативна монетарна единица. „Експериментот" како што тогаш го нарекуваа, сè уште трае, и можеби токму сега се покажува како најкорисен за локалната економија, во која на овој начин може да се вклучи секој, нудејќи ја својата работа или своите производи. За нив тој добива бодови односно темови, и потоа со нив го купува она што му е потребно од другите. Еден ТЕМ има вредност од едно евро, а валутата ја има прифатено градската управа и е дел од нејзината политика.
Ова, според нов текст на темата на Светлана Слапшак во „Пешчаник", не е единствената алтернативна валута во Грција - во еден друг град кој исто така економски пропаѓа, Патра, е воведен систем на „оволос" (новогрчки изговор на античката монета оболос). Поентата на ваквите проекти е користењето на самостојните извори на приход, што во прв план ги става локалните производи, рачната работа, градинарството, „подрумското" занаетчиство. Но последицата е повеќе терапевтска - психичко олеснување кое доаѓа од сознанието дека не мора сè да зависи од државата, дека има нешто и во иницијативите „одоздола", во чувството на солидарност кое и не мора да се базира на некаква апстрактна „љубов кон ближниот", туку на сосема практични мотиви. И не залудно Аристофан им ја дал моќта на жените во замисленото Собрание - овој систем особено им е корисен токму ним, тие на овој начин влегуваат во „мејнстримот" на производството и на трговијата, и се чувствуваат како да припаѓаат на здружение за меѓусебна поддршка.
Слапшак не е оптимист дека ваквиот систем на трампа и солидарност е можен во пошироки рамки и дека тој е одржлив на подолг рок. Од друга страна, пет години функционирање на ТЕМ-от во Волос не е мал период, нешто што дава надеж дека ваквите проекти, барем на микро-ниво, не се примитивно-племенска или комунистичка утопија. Во 2010 мрежата за трампа имаше само 15 членови, а во 2012 тој број порасна на речиси илјада. Преку споменатиот сајт е можна и електронска трампа и акумулирање, односно штедење бодови, а услугите кои се разменуваат вклучуваат и часови јога или пијано.