За среќа по нас „обичните“, и филозофите доживуваат средовечна криза, па барем нивното искуство не е бесполезно, а низ неговата призма стануваат малку појасни и оние нашите.
„Постои чувство на ограниченост и жалење. Смртта е сè поблиску“, го сумира своето чувство професорот по филозофија на MIТ, Киран Сетја (Kieran Setiya). „Најпрвин се соочив со празнина кога требаше да се зафатам со некој проект - дури и да го завршев успешно не чувствував задоволство“.
Како резултат на ваквата интроспекција Сетја ја напишал „Средовечност: филозофски прирачник“, тазе издадена од Принстон јуниверсити прес, во која ги истражува проблемите на средовечната среќа и како филозофијата може да им помогне на луѓето кои се во сличен животен период да си го најдат и сочуваат раатот.
Неговиот клучен совет притоа е - занимавајте се со „ателосни“ активности, такви во кои се ужива заради нив самите, кои немаат конкретна цел. Премногу често сме загазени во обратни, „телосни“ (целни) активности, проекти кои нè снеможуваат, а од кои притоа не гледаме некој ќар или ќеф.
Она што навистина ви е важно во животот, работите кои ги сметате за извор на знчаење, се всушност од првиот, бесцелен тип: читање, пешачење, мислење за филозофија, раснење деца или минување време со пријателите и семејството. Притоа немате некаков проект кој треба да го заокружите, па оттаму ни притисок тоа да се стори.
Тој го зема предвид и фактот дека она што денес го нарекуваме „средовечна криза“ не постоело како концепт до 1960-тите, а дури и тогаш спаѓало повеќе во доменот на психолозите а не на филозофите. Од оние кои сепак посветиле внимание на овој проблем Сетја ги спомнува Џон Стујарт Мил и Артур Шопенхауер.
Обајцата го довеле под прашање животот воден како „проект“, со тоа што вториот дошол до мрачен заклучок дека таквиот живот кој се состои од конечни цели нè става во ситуација постојано да го преживуваме минатото, каде би ги барале причините зошто не сме успеале во нивното постигнување, или да се фокусираме на иднината (планирајќи), а притоа никогаш да не ја живееме, ниту пак да сме задоволни од сегашноста.
Секако, животот исполнет со бесцелни активности не е баш реалистичен, и не може секој да си дозволи да ужива во бесконечни хобија - особено во итни ситуации не само што е невозможно туку би било и грешка да се посвети цел ден на контемплација и на играње голф. Но и разликата помеѓу целните и бесцелните активности не е ригидна. Работата е да се најде вредноста во она што се прави без оглед во која категорија спаѓа - да се метат лисје пред врата за да биде изметено, но и човек да не се нервира ако дувне ветер, затоа што ако ништо друго барем се занимавал со физичка активност, а и имал малку време да биде сам со себе.
Сетја го цитира Платон кога во „Филеб“ вели дека да се живее без незадоволени желби би значело „не да се живе човечки, туку како без’рбетник или како едно од оние суштества во школки кои живеат во морето“.
Не дека не звучи фино, макар и како утеха.