Акедија: заборавеното име за чувството кое го имаме сега

Се сеќавате на почетокот на пандемијата кога сликавме како ни стасува тестo? Се собиравме онлајн на пијачка. Се фалевме со новооткриени хобија и како ги занимаваме децата по дома. Каде отиде сиот тој жар? Го изеде - акедија.

Св. Јован Касијан, монах и теолог од раниот 5-ти век, сметал дека постојат осум главни страсти: стомакоугодување, блуд, среброљубие, гнев, тага, униние, суета и гордост. Притоа „униние“ е словенски термин најблизок до старогрчкото „акедија“ или латинското „ацедија“, при што префиксот „а“ означува недостаток, а „кедија“ грижа.

Но ова не е безгрижност во позитивна смисла, како лежерност или раат. Станува збор за состојба на апатија која е толку длабока што човек не чувствува болка, па оттаму не му е ни гајле за тоа колку време ќе остане заглавен во неа. Демонот на акедијата зазема важно место во раната монастичка демонологија, како еден од предизвиците на осаменичкиот живот, морален пад кој се карактеризира и со психолошки но и со физички симптоми. Тие најчесто се појавуваат на пладне, односно на половина на денот (за монасите пладне, за оние кои стануваат подоцна некаде околу 3-4 попладне).

Во светската книжевност вакви психолошки состојби се опишани кај Чехов, Бекет, Хаксли, иако можеби не се користи истиот збор. Летаргија, велтшмерц, меланхолија, во православната теологија униние, и тоа во два вида - едниот што фрла во сон (пасивниот), а другиот кој изгонува од ќелијата.

Во услови на пандемија бегството од нашите урбани ќелии е ограничено, физичките контакти генерално се сведени на минимум, а работењето од дома за многумина ја нагласува рутината. Ова создава симптоми кои прелесно ги означуваме со „депресија“, а всушност се работи за емоционално и физичко затапување, кое станува дел од нашиот ментален и психички репертоар. Како што советуваат психолозите, именувањето на искуствата овозможува да го лоцираме проблемот и евентуално нешто да преземеме во врска со него. Ако го наречеме „депресија“ тогаш треба да пиеме „антидепресиви“. Но ако го наречеме „акедија“ или „униние“, а антиуниниенси нема (бидејќи никој не се сетил да ги нарече така), тогаш останува силата за отпор кон пасивноста и тивката тага да ја надминуваме сами. Ако зборот е врзан со телошко морализирање, па оттаму исчезнал од секуларниот речник, не значи дека чувството не постои.

Еве, наближува пладне, и веќе го чувствуваме. Иш, акедијо!

извор

Илустрација: „Акедија“ на Хиеронимус Вирикс, дело од крајот на 16 век

28 август 2020 - 10:47