Aфриканските претходници на Лок, Хјум и Кант

Највисоките идеали на европското просветителство биле промовирани повеќе од еден век порано од Етиопјанец кој живеел во пештера, одбегнувајќи верски прогон поради своите рационалистички ставови. И тој не бил единствен филозоф од Африка чие име би требало да стои до оние на Хјум или Лок.

Идеалите на просветителството се основа на нашите демократии во 21 век: верувањето во доминацијата на разумот, науката, скептицизмот, секуларизмот и рамноправноста. Всушност, ниту една друга ера не може да се спореди со добата на просветителството. Класичната антика е инспиративна, но многу далеку од нашите модерни општества. Средниот век бил поразумен отколку што тоа стереотипно ни се претставува, но сепак средовековен. Романтичната ера била реакција на рационализмот, но идеалите на модерните држави ретко се изразуваат во термини на романтичност и емоција. 

Како што вообичаено се смета, просветителството започнало со „Расправа за методот“ на Декарт (1637), а продолжило со Лок, Њутн, Хјум, Волтер и Кант во следниот век и половина, завршувајќи со Француската револуција од 1789. Но што ако оваа приказна е погрешна? Што ако просветителството може да се најде на места и кај мислители за кои не сме ни слушнале? Еден таков пример е етиопскиот филозоф Зера Јакоб (1599-1692).

Јакоб бил од сиромашно семејство кое живеело на селски имот близу Аксум, поранешниот легендарен главен град во северна Етиопија. На школо ги импресионирал наставниците, и бил испратен во ново училиште за да учи реторика, поезија и критичко мислење. Потоа уште 10 години ја проучувал Библијата, анализирајќи ги учењата на католиците на коптите, како и на главната православна струја, доминантна за етиопската традиција уште од 4 век. Откако некој португалски језуит го убедил тогаш актуелниот крал да премине во католицизам, започнал прогон на слободните мислители, меѓу кои и на Јакоб, кој бил на стојалиште дека ниту една религија не е подобра од друга. Тој морал да избега од Аксум земајќи ги со себе само Псалмите на Давид. Крај река на југот од земјата нашол убава пештера, пред неа изградил кемана ограда и живеел во дивина многу пред тоа да го направи Торо во Валден (кој и не живеел баш во пештера).

Јакоб останал тука до смртта на кралот, цели две години. Доволно време да ја развие својата нова, рационалистичка филозофија. Верувал во супериорноста на разумот и тоа дека сите човечки суштества - и машки и женски - се создадени еднакви. Многу погласно во споредба со неговите подоцнежни европски колеги зборувал против ропството, ги критикувал сите институционализирани религии и доктрини, и ги комбинирал сите овие гледишта со лично верување во теистички Креатор, сметајќи дека поредокот на светот се должи на таа, најрационална опција. 

Накратко - голем број од нависоките идеали на подоцнежното европско просветителство биле начнати и сумирани од еден човек, кој седел и мислел во етиопска пештера во 17 век. Неговата филозофија е презентирана во главното дело, „Хатета“ (Анализа или Расправа). Книгата била напишана во 1667, на инститирање на негов ученик. Денес, 350 години подоцна, тешко е да се најде примерок од неа. Единствениот превод на англиски бил направен во 1976, од страна на канадскиот професор и свештеник Клод Самнер. Тој ја објавил како дел од петтомно дело за етиопската филозофија, во некомерцијална издавачка куќа во Адис Абаба. Книгата е преведена на германски, а минатата година и на норвешки, но англиската верзија е речиси невозможно да се најде. 

Уште еден подоцнежен африкански филозоф може да се подведе под просветителскиот бајрак. Се викал Антон Амо (1730-1755), се родил и починал во Гвинеја, денешна Гана. Цели две децении студирал и подучувал на најголемите германски универзитети, пишувајќи на латински, но од неговите книги има останато само неколку расфрлани по светските библиотеки. Магистрирал на тема поврзана со европскиот закон за ропство а потоа станал првиот црн Африканец со европски докторат, од престижниот универзитет во Витенберг (каде Мартин Лутер предавал теологија). Неговата теза е со наслов „За апатијата на човечкиот ум“, критика на Декартовите ставови на познанието. За неговото патешествие до Европа и за неговите филозофски ставови веќе пишувавме тука.

Сè на сè, овие имиња потсетуваат на потребата да се ревидира периодот на просветителството во областа на филозофијата и историјата на идеи и можеби еден ден да им се овозможи на Јакоб и Амо да бидат рамо до рамо со нивните европски колеги. 

извор

31 август 2022 - 11:20