74-годишниот пиљар кој за 25 центи ја продал бананата која на аукција постигна цена од 6.2 милиони долари

Човекот дели соба во подрум во Бронкс и работи по 12 часа на смени. Иaко е доста возрасен, веројатно не очекувал дека во животот ќе му се случи вакво нешто - да продаде банана за 25 центи, а потоа да слушне дека истата таа била продадена за - 25 милиони пати повеќе! Можеби па е до селотејпот?

На штандот на којшто работи на Апер ист сајд на Менхетен, Шах Алам продава десетици банани дневно, по цена од 35 центи по парче или 4 за долар. За иронијата на оваа приказна да е поголема, тоа е точно локацијата пред аукциската куќа Сотби. Евтиното овошје надвор, кога ќе го премине прагот на оваа фирма, може да стане уметност која се продава за милиони. 

Така и се случило минатата среда, кога г-дин Алам продал банана која кратко време потоа била ставена на аукција како дело на „апсурдистичка уметност“ и купена од трговец со криптовалути за 5.2 милиони долари, плус повеќе од 1 милион долари во трошоци на Сотби. 

Неколку дена по продажбата, додека Алам стоел на дожд редејќи си ја робата, бил информиран од репортер што се случило со овошката. Таа била залепена со селотејп на ѕид како дело на италијанскиот уметник Маурицио Кателан и продадена на Џастин Сан, кинески основач на платформа за криптовалути. 

Кога ја слушнал цената почнал да плаче: „Јас сум сиромашен човек. Никогаш не сум видел толку пари“. 

Патот на бананата од овошка до уметничкот дело (не оваа конкретна банана туку општо) за Кателан започна во 2019 кога изложи истоветно дело на Арт Базел Мајами Бич (престижен саем на уметност). Концептуалното парче наречено „Комедијант“ беше придружено со детален прирачник како да се залепи бананата со лента и дозвола таа да се обнови кога ќе скапе. Тогаш оригиналните банани беа купени во пиљара во Мајами а се продадоа од 120.000-150.000 секоја.

Еден перформанс уметник искина една од нив и ја изеде што поттикна голема дебата за тоа што е навистина уметност и како таа се вреднува. Друг уметник создаде многу слично дело, само со поинаква позадина, што пак иницираше дискусија за апсурдноста на авторското право (за него претходно пишувавме во „Апсурдноста на концептот на авторско право на банана залепена за ѕид“ тука).

Но минатата среда нештата кулминираа со тоа што бананата на г-дин Алам закачена на ѕидот со сребрена трака започна со цена од 80.000 долари, а за пет минути седумина наддавачи ја искачија цената на над 5 милиони. Авторот не бил платен за истото, бидејќи продавач бил неименуван колекционер. Но Кателан бил воодушевен што делото станува авторефлексивно - колку повисока цена, толку поголем апсурд. Директен пренос од јадењето на бананата од страна на новиот сопственик ќе се случи утре, 29 ноември, во 3 часот попладне, а истото може да се следи на Х профилот на Џастин Сан. 

Види и: „Корнишон на плафон - уметност вредна 10.000 долари“

28 ноември 2024 - 16:00