Новозеландско дело кое се состои од едно единствено пресечено парче корнишон извадено од чизбургер на Мекдоналдс и залепено на плафон на галерија во Окланд, е претставено како намерен „провокативен гест“, кој го поставува прашањето што е она што има вредност.
Делото се вика едноставно „Корнишон“ и му припаѓа на австралискиот уметник од Сиднеј, Метју Грифин. Некои го сметаат за „генијално“ и „брилијантно“, други за „моронско“. „Кога бев тинејџер ме исфрлија од МекДоналдс поради истава работа, сега тоа е уметност“, коментирал некој на социјалните мрежи.
Целиот случај потсетува на делото „Комичар“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателан кое беше изложено на еден од најголемите галериски настани во светот, традиционалниот саем Арт Базел, а кое негов колега, уметник со грузиско потекло, ја изеде (за што пишувавме тука). Со тоа тој практично изеде 120.000 долари вредна банана, бидејќи за таа сума таа веќе беше продадена.
Ваквите дела не го поставуваат толку прашањето за улогата на уметникот, туку за тоа како општеството, односно конзументите на културата, бираат што ќе наречат уметност и на што ќе му придадат значење и материјална вредност.
„Инсталацијата“ во моментов е 10.000 новозеландски долари за купувачот, а истиот ако сака може да плати дополнителни 4.44 долари за чизбургер. На институцијата или на колекционерот кој ќе го купи корнишонот ќе им бидат дадени инструкции за тоа како да го рекреира делото во сопствениот простор.