Пред педесет години, во јануари 1968, Кеш го одржа неговиот антологиски концерт во живо во затворот Фолсом. Тој настап, како и лајв албумот кој произлезе од свирката, му помогна на Кеш да ја ревитализира својата кариера, да се заложи за затворска реформа и на тој начин да стане глас на маргинализираните и двојно осудените - еднаш за делото кое го сториле, а втор пат од општеството кое ги стигматизира и кога ќе излезат од затвор.
Оваа недела мексиканскиот бенд Лос Тигрес дел Норте, следејќи ги стапките на Кеш, влезе низ истите масивни безбедносни порти на Фолсом. Но, за разлика од времето кога таму свиреше нивниот колега, а затвореничката популација беше главно бела, сега таа е главно црна или латино. Магичниот број 50 „виси“ во воздухот, бидејќи Лос Тигрес прв пат настапиле во САД исто така пред пет децении, и, иронично, исто така во затвор.
„Кога дојдовме во оваа земја, првата изведба ни беше во затворот Солдеад, Калифорнија“, изјавил Хорхе Ернандез, вокалистот и армоникаш на бендот. „Тоа нè потсетува дека е благослов што сме тука, во Фолсом, свирејќи и прославувајќи го нашето доаѓање во земјава“.
Лос Тигрeс дел Норте имаат продадено над 30 милиони албуми а фановите на бендот се од повеќе генерации Мексиканци. Нивните песни содржат социјални моменти, стихови кои се однесуваат на семејства кои живеат без документи во САД и имигрантски приказни.
За дозвола да свират во Фолсом бендот чекал две години. Но затворениците се пресреќни - дури 800 од нив биле присутни на концертот во затворскиот двор, под будното око на чуварите, кои ги набљудувале и од петте кули кои го опкружуваат затворот. Голем број од нив пееле со бендот, а имало и музички желби, и моменти на тага и носталгија.
Како што Кеш на концертот во Фолсом ја изведе „Грејстон чепл“ напишана од затвореникот Глен Ширли, кој во истиот затвор лежел за вооружен грабеж, така и Лос Тигрес дел Норте поканиле еден од затворениците да свири со нив на армоника на сцена. Од концертот ќе произлезе и документарец, продициран од музичарот добитник на Греми и Оскар, Густаво Сантаолала.
Ако доволно пати сте го слушале албумот на Кеш од Фолсом веројатно ги знаете сите негови реплики кои ги кажува меѓу песните (вклучително кога бара чаша вода, а добива лимено канче). Особена „драж“ имаат упадите на чуварите кои среде концерт со бројче повикуваат некои од затворениците на рецепција. A eдна од најтрогателните песни е онаа за Џо Бин: