Во поранешна Југославија постоеа неколку важни теориско-есеистички едиции, но само Библиотеката ХХ век успеа да го преживее и социјализмот, и војните. Започната во 1971, таа беше обврзна литература на секој кој можеше да чита на српско-хрватски, односно српски, а истовремено и извор на наслови за македонските издавачи, кои не ретко во своите програми вклучуваа книги токму од овој список.
До сега во едицијата се објавени 250 книги, препознатливи по својот мал формат и дизајн кој отприлика остана истиот за сите овие години, а го работеше (и се уште ги работи иако е роден 1937) академскиот сликар Иван Меснер. Првата книга била студијата на Пол Лангран „Вовед во перманентно образование“. На сајтот на едицијата се наведени сите дела, меѓу кои класици но и нови и визионерски наслови кои се одамна распродадени. „Две култури“ на Чарлс Сноу, „Меклуановата галаксија“ на Меклуан, сите значајни дела на пионерите на социјалната и културната антропологија (Марсел Мос, Франц Боас, Ретклиф Браун, Едмунд Лич, Мери Даглас), дела од областа на лингвистикатa, филозофијата,визуелните уметности, но и на водечки домашни автори.
Основач на едицијата која низ годините ја имаат објавувани различни издавачи (БИГЗ, Просвета, Чигоја, Круг..) е Иван Чоловиќ, роден 1938 во Белград, етнолог и политички антрополог (на македонски се преведени „Балкан - терор на културата“ и „Смрт на Косово поле“), истражувач на политичко-националистичките симболи и митови, кој храбро и упорно ги има критикувано општествените аномалии во сопственото општество и кога многумина негови колеги молчеа се спротивставуваше на безумието на деведесетите.
Во интервју за белградско „Време“ (само со претплата) направено по повод половина век од „20 век“, тој ја раскажува приказната за оваа влијателна серија книги за сите оние кои можеа да читаат на „наш“ јазик, и на шега вели дека неа ја правел од „себични“ причини - за да се преведат книги од јазици кои не ги познавал, а кои му биле потребни за неговите сопствени истражувања. Уредувањето на Библиотеката XX век не го усреќило финансиски, но истовремено не го руинирало, „што често е цена на среќниот живот“.
Основната порака на целата библиотека според него било сигнализирање дека на просторите на поранешна Југославија, а потоа во Србија, постојат мали и независни интелектуални ниши, кои порачувале: „Тука сме ако некој праша“. Тоа за нив значело да бидат вон владеачките идеологија, на ограничените културни простори и да комуницираат во широк свет без интелектуални препреки.
Запрашан како е да се биде непожелен во Србија, Чоловиќ вели дека и некогаш и сега „непожелните“ можат и да живеат и да преживеат, макар и скромно. „Не е точно она што луѓето често го велат за да се оправдаат дека се гомна: дека, ако покажат дека се нешто повеќе, тоа тоа неминовно ќе ги чини живот“. Тој за себе вели дека донел стратешка одлука да се држи до маргините, да не се турка меѓу „царските коњи“ и да го стави режимот и неговите пријатели на сопствената „црна листа“.
Читателите на XX век неодамна, по повод јубилејот гласаа за три најдобри книги од едицијата. Одбрани се „Имагинарниот Балкан“ на Марија Тодорова, „Ориентализам“ на Едвард Саид и „Измислување на традицијата“ на Ерик Хобсбаум и Теренс Рејџер. Чоловиќ сепак ја препорачува првата, излезена пред 50 години, која му е уште при срце, и поради тоа што била прва, но и поради пораката дека образованието никогаш не запира.