100 години од "OMG!"

Колку и да звучи чудно, „О, леле Боже!“ (ОЛБ или OMG) не е измислено од некој роден во 2000-тите, или од твитерџија. Прв пат кратенката е употребена во септември 1917, во писмо упатено до Черчил.

Писмото било напишано од пензиониран адмирал во британската морнарица, а упатено до идниот британски премиер. Џон Арбурнот Фишер (за пријателите Џеки), седумдесетгодишен господин кој служел во морнарицата во Првата светска војна, во него прв пат ја употребува кратенката OMG, која еден век подоцна е дел од секојдневниот речник на тинејџерите (па и на македонските).

Лорд Фишер во пораката му се жали на многу помладиот Черчил, тогаш министер за вооружување, за недоволно острата поморска стратегија на Британија во однос на Германија. Тој го завршува писмото со саркастичен тон, велејќи: „Слушам дека се разгледува нова витешка титула, OMG!, почнете да ја делите на луѓе од морнарицата!“.

Дописот останал незабележан скоро еден век, додека не е откриен од лексикографи од Оксфордскиот речник на англиски јазик, кои го додадоа OMG во речникот во март 2011. Првично се сметало дека најраната негова употреба се случила на онлајн форум на фанови на некаква телевизиска сапуница, во 1994. Но Џон Сајмон, поранешен истражувач-библиотекар во Конгресната библиотека, почнал внимателно да ја пребарува базата на податоци на Гугл букс, додека не дошол до спомнатото писмо од 1917, вклучено во мемоарите на лорд Фишер, објавени две години подоцна.

Со ова би требало да им се стави крај на жалопојките дека луѓето од 21 век се виновни за неологизми кои го „нагрдуваат“ англискиот. Американците биле познати по вакви кратенки и долго време претходно, а еден од најпознатите примери е од доцните 1830-ти кога бостонски весник прв пат ја објавил кратенката ОК, иронично погрешно напишано oll korrect (за all correct-сè е точно).

И во времето кога било напишано писмото, при крајот на Првата светска војна, Британија исто така била по кратенките. Кралот Џорџ Пети вовел пет нови титули за оние кои придонеле во војната, MBE, OBE, CBE, KBE и GBE. Од таму и забелешката на лорд Фишер, дека следната почест би можела да биде - OMG.

И покрај тоа што поминало доста време пред оваа кратенка да биде ре-измислена за муабети на чет и мемиња со мачки, некако е симпатично што токму на таков стар мрчатор каков што замислуваме дека бил Фишер можеме да му заблагодариме за кратенка која баш соодветно го отсликува духот на нашето време.

14 септември 2017 - 14:46