Продолжеток

Радио на тагата и радоста

Втор дел за радиото, останаа некои работи недоречени.

Прво музика за читање

Што научив од радиото (стара школа). Па, на пример, да читам. Сите луѓе имаат некоја длабока потреба од приказни, нели, затоа толку луѓе гледаат филмови и серии. Ама мене ништо не ми е поволшебно од радио драма. Многу ми се допаѓа медиумот (може да се направи дома на компјутер, доста е и еден читач и чат-пат ефекти - ама правиш филм само со звук и зборови). Лани летото Македонското радио имаше конкурс за радио драми (првпат по децении) и ги натерав децата да напишат сценарија, приказна што би можела да се драматизира. Еден од синовите, (златен тој на тато :), напиша толку добра приказна што му ја запленив и не ја пративме затоа што би испаднал и добар филм од неа, што да се троши идејата на радио. Нејсе, секоја чест на радио драмите на МР (ги има секоја недела на прва програма во 12.00), ама вистински мајстори за тоа се Англичаните. Тоа може да е нација со најизразен порив за слушање приказни (ваљда е поладно кај нив, па почесто се собирале покрај огнот дедо да раскажува приказни), до таму што има развиен пазар на аудио книги (замена за тато мама дедо баба да ти читаат пред да заспиеш), нешто што кај нас никако да заживее. Или не сме имале доволно долг период меѓу радиото и телевизијата за да се навлечеме на тоа...

Кога ја спомнав телевизијата... мојот проблем со неа... премногу ги заробува сетилата. Мислам, можеш да направиш муабет за некоја вест што ќе ја видиш? За 15 секунди се пука нова и пошокантна вест и слика што ти го брише претходно кажаното. Вести на радио... сосема друга работа. Не ти ти врзува очите, можеш дури и да го погледнеш ближниот свој и да направиш муабет надгласувајќи го следното што оди. Па и да останеш на темата без слики што ќе те отргнат од неа.

Од приказни на вести, друга важна функција на радиото. Тоа е замислено како „систем за радио дифузија"... или во превод, зрачење зраци со главна цел информирање на јавноста за тоа што е во моментот најважно за заедницата. Нема подобар пример за тоа од функционирањето на радиото во Србија по поплавите - имаа три дена жалост, па радиото (Б92, поконкретно, преку интернет) не можеше да биде тра-ла-ла по цел ден, туку на пет минути се известуваше што може да се направи за да им се помогне на погодените. Овде најблиску до тоа би било предизборното малтретирање на ушите (и на очите, ако си по телевизијата). Но кога навистина се работи за катастрофа, радиото можеш да го ставиш на разглас во салата каде што се прибрани евакуираните (за 10.000 души немаш време да ставиш видео ѕид со 100 дисплеи), а тие што се во топлите домови да дознаат каде можат да отидат и да помогнат. Плус, на службена радио мрежа барем си сигурен во информациите што ги добиваш, за разлика од шумот преку „радио Милева" (читај фејсбук/твитер).

Назад на тра-ла-ла функцијата на радиото (бидејќи 90% станици мораат да бидат забавни за да имаат огласувачи/плаќачи на рекламите, ако не се на државна славина). Не ми се спомнуваат преживеаните печурки од 90-тите (кога дојде до епидемија на отворање радио станици) со миксети купени на старо со рикнати тонски контроли и програмски шеми ископирани од САД, од каде ли - глупа музика и неважни работи. Колку и да ти се допаѓа или не македонско радио, ама таму има вистински миксети и асолни луѓе што знаат да работат со нив. Аналогни се, претежно од 1970-ти, ама таков звук не се добива со дигитална опрема (толку се „винтиџ" што веќе немаат цена, колку се добри). Всушност, се добива, ама додека ги научиш филтрите за да зазвучи како што треба, пензија може да дочекаш. Само за пример , кога купувам звучници, тест ми е да ги чујам со рисиверот наместен на 103-ка (бидејќи таму реглерите се заглавени на добар звук и точно знаеш што е што во тоа што го слушаш).

И дојдовме до главната функција на радиото - едукативната. Без омаловажување на документарните емисии, анализите, образовната програма... едукација за музиката. Каде ќе научиш кој што компонирал ако не чуеш на „Концертен подиум"? Да, може од книга, ама ај фати ја. За тоа кој е прв на топ-листа некаде да не зборувам (топ-листите во Америка сега главно се прават по radio play, пуштање на радио), ама каде ќе дознаеш што има ново интересно ако не на радио. Кога ќе размислам, тоа е и главната функција на ди-џеите. И тие на радио и тие по клубовите. Во информативното доба сме пренатрупани со информации и музика, па е потребен некој филтер. Да, би можел да следам сѐ и да си запишувам кој кога ќе го издаде новиот албум, ама многу ми е полесно некој да ми го преслуша тоа и да ми каже што, како и кога и колку е добро тоа што е издадено. Па од исфилтрираното јас ќе си исфилтрирам за на УСБ-то за во кола.

Значи, што се случува кога не се слуша добро радио? Нешто како ова... У мојто сегашно маало (отаде крстот на Водно, гледано од Скопје) за поголеми празници се собираат луѓе по викендички (за семејни собири или журки, општо земено) и ја имам оваа слика... Нема нешто турбо воа ноа, ама уште пожално - претежно е музика од 80-ти и 90-ти години на XX век. Аман. Јас немам толку музика од тоа време по дисковите (тврди или плочести) и УСБ-ата колку што се изнаслушав по журките во околината. А со неа растев! Толку нема нова музика? Тешко. Повеќе ќе да е мрза да се побара. Или нема каде да чујат луѓето (пошто не слушаат радио).

Епа, младино... а да почневте да вртите по тоа фреквенциите, макар на интернет? Може ќе најдете нешто ко лансково ремек-дело на Бонобо.

4 јуни 2014 - 22:11