Си седам јас така пред некој ден во едно „заведение" на Ленинова, си пијам тутун и кафе во најлонот пред кафанчето, кога на врата се зададе едно сомнително типче. Троа пристаро, 55-60, со изразен мев, плетена капа и зимска јакна, со проседи мустачиња и намрштени веѓи. И му викам јас на девојчето што служи: Овој е некој инспектор! –Не? –вика девојчето. И се испостави дека навистина е инспектор. Со типичен изглед за висококвалификуваната паразитско-казнена дејност што ја работи. Човечето влезе и разговараше нашто со газдата, а после тоа, сите вработени во заведението се растрчаа да го отворат најлонот, оти овој им беше соопштил дека законот барал местата за пушење да бидат отворени од три страни. Со оглед на тоа дека четвртата страна е ѕидот со стаклените врати низ кои се влегува во локалот, тоа значи дека може да се пуши само на улица. Инаку, казна за сопственикот и за тие што пушат! О, закон! О, куку!
Каква глупост е ова законов за непушење, невидена. Откако се воведе, Скопје стана Најлонград. Скоро сите кафеани, бистроа, ресторанчиња, кафичи и сл. пред локалите направија тераси покриени со најлон или плексиглас (за некако да им се одржи бизнисот), узурпираа дополнителен простор од улиците и дополнително го нагрдија и онака не баш најубавото Скопје, главниот град на Р Македонија. Откако ќе настапи ноември, па се до април, место да си седат внатре на топло каде што има ѕидови, маси, столчиња, прозорци со пердиња и парно или печка, гостите почнаа да се натискаат по најлоните, зашто таму можеа да пушат. А и оние што не пушат, бидејќи се помалку, и тие најчесто си седеа под најлоните со порочните пријатели. Значи, вака:
Македонците се јужен народ, јужна нација, како Грците, Израелците или Италијанците, на пример. Познато е дeка кај таквите народи многу се пуши (мислам дека Грција и Израел се шампиони, додека Турците со Ердоган насила отидоа во втора лига) Ако му наметнуваш на таков народ закони за непушење во кафани (од неодамна не само во јавни простории, туку и во гореспоменатите најлони пред меаните надвор), или за возење точак без кацига, утре ќе треба да го казнуваш истиот тој јужен народ и за гласно зборување по дома или за силна гестикулација, оти швајцарските роботи, мормоните од Јута или зелените од Стокхолм веројатно се умерени и во тоа. И во Германија пушат по пивниците, алооо... Кроациа унд Сербиен аух... а само РМ и Турскиот џумхуриет стриктно спроведуваат закони за непушење. Леле, мори, мајко... И меаните по целиот Медитеран работат до кога има луѓе, а не до 11 или 12. А Швајцарија на Балканите сакаше да прави В. Михајлов, ако не се лажам? Вакво насилство над природа на јужна нација и ваква неслобода може да препишат само покондирени арпаци без абер од познавање на географски менталитет. Ако ви се допаѓа Швајцарија или Исланд, или некоја од пуританските држави во шарените САД (баталете Калифорнија или Флорида, за вас се само Вајоминг и Алјаска) , пакувајте куферите и трк таму, јас не останав на Балканот да ми ја ограничуваат слободата на ваков начин. Да ви се мочам на тоа легалистите: неуки, самобендисани, со групен идентитет и безлични. И моронела. И копи-пејст генерација, само препишуваат закони од овде-онде и ги накалемуваат на несоодветна почва.
Од земјите на ЕУ само 9 имаат ригорозни закони за непушење како македонскиот, во Потугалија и Шпанија на пример (јужни нации) пушењето во локалите е дозволено 70% наспрема 30%, Во пола Европа и во Русија воопшто нема закони за непушење, ама тука, како и обично, видела жабата потковување па кренала нога.
Еве, јас како неук и пушач, во поглед на законите за пушење, германската (и хрватската, шпанската итн) политика ја сметам за малку поразумна од онаа на Реџеп Таип или на актуелните македонски власти. + и јас имам некои здрави навики, на пример постам повеќе од пола година, кока-кола, пиво или вино не ставам в уста, ама ни на крај памет не ми паднало тоа го наметнувам секому. Малку историја: Оливер Кромвел и пуританците своевремено забранувале играње карти, одење на театар, играње и пеење на улица и останување во крчма после 9 и што? Го знаете епилогот? Откако им умрел лордот-протектор (Кромвел) и си вратиле крал на престолот (Чарлс II), Британците му го откопале телото на протекторот и му ја отсекле главата постхумно. И му го изложиле черепот на London bridge, толку го имале намразено. А тој кутриот толку мислел на нив и на она што е добро за нив. Многу бил душегрижлив човекот.
Пушењето било прашање на јавно здравство, имало трошоци за заболувањата од него? Да, точно е. Така е! А трошоците за срцеви удари, ракови, дебелина, дијабет и хипертензија од кока-коли, грицки, газирано, хамбургери, пиво, пица, конзерви!? Па трошоците за искривени кичми и хемороиди и ненадоместливите трошоци за затапените умови од мобилни, компјутери и гледање ТВ... тоа не се прашања на јавно здравство, сите се фатиле само за пушењето. Како пушачите да се криминалци. И ним им е јасно дека пушењето не чини, ама си имаат слабост... какви се овие претерувања?
Секоја чест за Кичево, Тетово и Гостивар, оди таму и брани им да пушат во чајџилница или кафана, таму идиотскиов закон никој не го есапи, и така и треба. Тие што сакаат здрав живот шетаат по паркови и планини, не сакаат кафани и крчми. Во 80-те беше социјализам, се служеше војска задолжително, и се осеќав трипати послободен од сега. Барем во поглед на шетањето по улица, седнувањето на јавно место и одењето на чорба во 3 наутро. Што ако алиштата ми смрдеа на чад кога се враќав дома? Бев послободен, а тоа е многу поважно. Ве молам не мислете што е за мене добро, си знам и сам!
П.С. 1. Никој не се залага за пушење по библиотеки, градинки, училишта, болници, чекални со шалтери и слични јавни места. Скраја да е. Ама да не се пуши во кафана, во балканска земја, па тоа е апсурд. Во крајна линија, поборниците за зрав живот, здрава храна и непушење (а тоа е исправно и како што треба, не дека не) не биле, не се и никогаш нема да бидат некои муштерии по балканските кафани и таверни. Тие си сакаат паркови, планина, мир и чист воздух. И треба да се угледаме на нив, тие се како што треба, ама не на сила. Не со закон, туку со слободна волја.
П.С. 2. Не е само ИМЕТО идентитет, и начинот на живот е идентитет. Ако „името не го даваме" а сè друго даваме (или копи-пејстираме од некаде, сеедно), ни спотребало и име и се'.
П.С. 3. Не викајте за некого „Пуши како Турчин“, тоа е демоде, викајте „Пуши ко Германец“. Бидете во дослух со своето време.
Поздрав, Тихомир
* На првата слика горе: тројца поранешни непушачи и сегашни пушачи во постојан процес на откажување. Од лево на десно седат: Тихомир, Шотка и Тони М.