Ве сакам

Новогодишни желби

Него, дојде 2014. Во огледало реков дека сакам повеќе да пишувам оваа година, а надвор од него, на сите, до еден - ви посакувам редовен сексуален живот. Веројатно ќе се прашате зошто.

Пред некоја вечер, јадев во еден мал и пријатен ресторан, гледајќи Фешн Тиви, како што тоа обично бива во ресторани. Ти носат мени со прекрасна храна и истовремено ти пуштаат манекенки за да те фаќа мука што јадеш похован кашкавал со тартар сос. Само што заборавив да кажам дека мене ништо не ме тангира кога има добра храна пред мене.

Прво идеше една прекрасна колекција на Ралф Лорен, каде што немаше ниедно промашено парче, воздивнував длабоко на секоја нова маненка и на крај му наздравив на Ралф кога излезе да се поклони. Некад човек го погодуе и точка. Е после тоа имаше други колекции, други креатори и еден куп промашувања. Излегува една, друга, трета и веќе напорно. Си реков, како лоша колумна се. Како лоша фотографија, како неуспешна книга. Гарант и на нив им е скроз глупо, го црта, го шијат, го гледа дека личи на дунда со машна, и си вика, е па добро де... и онака немам друго за оваа сезона. И ја испраќа кутрата манекенка на писта, без разлика што е облечена во дунда со машна, со иста таква боја на кондури, а пак има будали што ќе купуваат. Од такви испади излегоа еден куп „институции" за гардероба што никогаш не требаше да му се случат на човечкиот род. Заедно со лошите парчиња гардероба, магично привлечени од нив пристигнаа и ним достојни примероци од истиот тој човечки род.

Овој релативно досаден вовед е за следниот пат кога ќе ме прашаат зошто не пишувам секоја недела.

Затоа што не се постигнува нешто доволно добро секоја недела. Или секоја сезона. Затоа што не е само да се напише колку да се рече. Не бива да искочиш на сцена со дело што не можело да помине преку твојот филтер.

Но, Буковски вака рече: Проблемот на светот е што сите интелигентни луѓе се полни со сомнежи, додекаа глупавите се полни со самодоверба.

А интернетот, милион луѓе – милион критериуми. Или ниски, па шлапаат што ќе стигнат, затоа што интернетот трпи све, или па превисоки, па не можеш да им погодиш.

Знаете што правам јас кога гледам ужасно парче гардероба? Не го купувам. Ако почне филм кој се заканува да биде глуп – мењам, а ако е све глупо – гасам. Ако е глупо на интернет – сликам. А ако е глупо у град – готвам. И слично.

Него, дојде 2014. Во огледало реков дека сакам повеќе да пишувам оваа година, а надвор од него, на сите, до еден - ви посакувам редовен сексуален живот. Веројатно ќе се прашате зошто. Ајде да карикираме една ситуација:

-Воопшто не ми се допадна последното.
-Што последно.
-Па, последната колумна.
-... Ако.
-Мислам, си пишувала за макарони, а ја, онака, баш вчера купував макарони во Веро, и баш онака, се осетив навредено од колумната. Мислам, доста пишуваш за ствари што ме тангираат, се осеќам должен да возвратам и да истакнам дека и јас дома имам макарони во кујна и дека многу поише знам да праам макарони од тебе, што знаеш ти? Си осетила ли некад макарона?

Основите за овој муабет се многу, многу реални. Случени. Крајно забавни, а некад и многу досадни.

А сега да замислиме дали некој би имал потреба да се осети навреден од нечии „кулинарски способности" кога би имал попаметна работа. Замислете какво убаво секојдневие е тоа што ви го посакувам! Како би нашол време да го частиш светот со твоето критичко мислење, кога до тебе лежи една згодна, спремна особа која предлага нешто многу „поуношљиво"? После тоа ќе заборавиш и на курвата и на поетот, и на провинцијалецот и на уредникот што така безобразно и дрско дошле на ред да ги проследиш. Нели, нели, како смеат они, да ти ги виткаат твоите рамки и да ти ги растураат твоите фиоки за луѓе?

Затоа, драги мои, во новата година ви пожелувам здравје, затоа што здрав човек е среќен човек,
Ви пожелувам љубов, за да имате кој да ве радува и да ве нервира, па да немате време да се нервирате за небитни работи на интернет,
Ви пожелувам успех, за да можете да разграничите дека вашите достигнувања се многу поважни од оние на луѓето што не ги познавате,
Ви пожелувам мир, кој ќе ви помогне да им простите на луѓето што ве љутат, а не ве познаваат за да им биде гајле дека сте им скарани,
И ви посакувам среќа, затоа што среќниот човек не замара.

Тие што сте го постигнале овој зен, стварно многу, многу ве сакам.

А другите, во однос на првата желба:
Замисли, како седиш и налетуваш на статија, или песна, или спот што те вреѓа и што се коси со твоите уверувања. Првата реакција ти е дека не си баш воодушевен и дека имаш право написмено да се изјасниш дека не ти го прави ќеифот. Одеднаш сфаќаш дека не е само тоа, и дека не смееш да дозволиш некој непредупреден да го види нештото и да му се скрати животот, па ти се раѓаат еден куп идеи како све можеш да го навредиш авторот. И таман да почнеш да ги труеш и заинтересираните и незаинтересираните со своите фекалии, ја слушаш твојата подобра половина од спална:

„Ајде". 

Се гледаме наскоро,

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

7 јануари 2014 - 02:10