Скопје е град на досадни интелектуалци и забавни простаци, на висока мода на попуст и скапи тренерки, на свезнаечки аутомеханичари и неспособни менаџери и директори, дом на 500 вида архитектура, свемирски души и плиткоумни створења, град на боемски кафани и неинвентивни кафичи, град на контрадикторности.
Зошто е тоа така? Затоа што секој град достоен за почит и нежно сакање изобилува од вакви работи. Затоа што е голем. И затоа што и покрај тоа што има све што имаат другите градови, Скопје е уникатен.
А има, не дека не; кафани, кафичи, кино, театар, клубови, стенд-ап комеди, кинески, јапански, турски, шпански ресторан, од италијански не можеш глава да дигнеш, картинг, зоолошка, саеми, концерти, фестивали, свирки, за секој тип музика – по минимум 10 места што ја пуштаат, музеи, изложби...
А што слушам јас секојдневно?
„А бе, нема шо да се праи више, досадно е".
Така. Седнат он, на местото каде што седи секој ден и секој ден го прави истото, и тврди дека му е досадно и дека нема ни кај да излезе веќе.
Драги мои Скопјани, викендаши, дојденци и староседелци. Тоа е така затоа што сте далеку поповршни отколку што сакате да си признаете. Тоа е така затоа што без никој да ви стави нож под грло, вие секој ден го правите ис-то-то.
Одите во истите кафичи, ги гледате истите луѓе, ги трошите истите пари на истите 87 пијачки во петок навечер, гувеете на истите коњопои повторно со истите луѓе и го дрвите за истите работи, за на крај пак да речете:
„А бе, нема што да се праи, досадно е".
А кој ви е крив за тоа?!
Тоа што не знаете да отспиете една вечер, наместо да се заборавите во диско иако ви е досадно – па со потежок новчаник наредниот ден да отидете на ручек во ресторан каде што не сте биле, е само и единствено ваша вина.
За тоа што ве мрзи да се дотерате и да одите во кино, па симнувате филмови навечер во пижами, мрчејќи „работа-дома", никој не може да ви помогне. Не дека нема гушт во гледање дома филм со друштво, но јасно е што сакам да кажам.
Сега веројатно ќе почнат мејлови со „дали си нормална, па народ нема пари..."
Не можете да ми кажете дека народ има пари да виси по кафичи, али нема пари да оди во театар. Вујко ми, италијанизиран веќе подолго време, последниот пат кога дојде во Скопје вика: „Јас сум заборавил како е тука. У сред работно време, сите кафичи пуни".
Тука лежи уникатноста на Скопје, дами и господа.
Јас решив дека ништо нема да пропуштам ако не излезам еден петок. Али затоа, следниот ден со истите пари ќе испазарам пола супермаркет и ќе зготвам нешто за моите пријатели. Па можеби ќе излезам наредниот петок, не знам. Ако не се појави нешто поинтересно.
А ако сте решиле упорно да немате што да правите, барем не ми се обраќајте со „досаден е градов". Нема да ме мрзи да ви го преточам сево ова во монолог.
да чујам: nultapozitiv@yahoo.com