За ова прашање и сериозните импликации по нашиот кардио-васкуларен систем, за тоа како не само како да преживеете, туку барем да имате подобар скор (бидејќи битката е однапред изгубена верувајте!), ете баш за тоа ќе закопам низ оваа бавча. Тамам е пролет, расадот блика исто како и малолетните хормони, вистинско време за засукување ракави. На крајот, може и ние родителите меѓу себе да научиме по некоја нова финта, затоа што во овој натпревар помеѓу родителите и децата, единствено што може да имаме како награда е второ место од две. Па си викам, барем некои нивоа од оваа изгубена игра да ги изиграме подобро па да имаме за што да зборуваме и да се фалиме низ маало.
Како за почеток да расчистиме: Јас ги сакам децата. И многу ги почитувам. И ги имам и сум работел со нив и за нив, и навистина така всушност почна да ми се расплеткува загадочната планетарна теорија на заговор во која клинците се Големиот Брат кој нè контролира нас, беспомошните родители. Навистина има многу реални извори кои ми укажуваат на тоа.
Погледнете ја сликата од друг агол. Погледнете се себеси вон идиличната слика за современ родител која си ја градите со години и ќе почне да ви станува јасно дека тука нешто смрди. Разговарајте им како на возрасни, иако тоа нема многу да ви помогне.
Кога се многу мали, се лигавиме и изигруваме мајмуни, тешејќи се со фактот дека нешто ги учиме и забавуваме. Уште едно самозалажување, Тие научуваат многу побрзо отколку што ние може да замислиме, нивниот оперативен систем е нов, хард дискот празен и секоја информација е добредојдена. Децава бре го знаат јазикот уште пред да почнат да го зборуваат. Најверојатно се тотално збунети и се прашуваат зошто баш моите родители пред мене зборуваат како да сум дебил, и на крајот неизбежен им е заклучокот дека ние навистина сме кловнови кои треба да ги забавуваат нив. Затоа, разговарајте со нив како да сте потомок на старо англиско лордовско семејство, избирајте зборови, користете позитивни реченици и целиот сериозен вокабулар што сте го научиле. Така, во нивните очи, барем ќе изгледате отмено.
Сте се запрашале дали вашето дете сака да се игра со вас додека му чешлате кукла или редите некое лего? Сакаат и се играат со вас додека се помали, додека имаат нешто и од вас да научат, додека потполно не се инфилтрираат во глобалната мрежа на деца која владее со овој свет. Во даден момент децата увидуваат дека ја немате потребната имагинација и вештини и дека тие се всушност посупериорни битија од вас, ама ве оставаат ушушкани во сопствената супериорност. Ги користат глобалните алатки против вас. Вие чешлате и се бавите со сериозно инженерство редејќи ги последните проекти на ЛЕГО, а тие се смешкаат, знаат дека за нив ги извршувате оние работи кои на нив им се досадни и непривлечни. Децата ви се друга каста, повисока, децата се онаа каста која раководи.
Мислите дека сте нешто махери за компјутери па ги шпионирате по социјалните мрежи? Гадно се лажете, тие меѓу себе имаат интерен фајервол за родители. Интернационален. И во групи дискутираат како да ве заебат. Имаат копиљациве посебни групи во кои се прават стратегиии за манипулирање родители за викенд, групи во кои меѓу себе се советуваат како подобро да се вадат кога ќе направат некоја видлива грешка, па сè до консултации како и што да направат за да ви го одвлечат вниманието. Биг Десепшн.
На крајот, кога доволно ќе се наоружаат против вас, кога во нив ќе се искристализира идејата за моќта која ја поседуваат, го будат во себе малиот Џи-Ај-Тинејџер и тргнуваат во напад. Не е битно каква одбрана сте подготвувале со години, не ви вредат сите ровови и топовски позиции, затоа што целосната инвазија на вашиот концепт на живеење е извесна. Готови сте пред да бидете свесни за тоа, што и да направите понатаму исходот ќе биде еден: Едно чудо непроспиени ноќи и денови (бидејќи нормално се секирате) и потрошен буџет со кој што може да изгледате уште едно 3-4 деца што не се тинејџери.
Главната стратегија им е баш таква: Прво ве шокираат со нешто, па додека вие се опоравувате ве гаѓаат со некакво барање на кое одговарате автоматски, поради тоа што, нели, не сте дошле сè уште на себе. И така во круг, сè додека вие им попувате и зборувате за животот, тие веќе читаат модерни филозофи на интернет и сè повеќе сфаќаат дека сте реликт од некое друго време. И после некоја година ќе си отидат, и ќе ви фалат, и ќе ја нема повеќе онаа слатка натпреварувачка возбуда.
Ама добро, имам и утеха и се радувам на моментот кога истите тие деца ќе имаат деца, кога ќе си ја накривам капата и, конечно, јас ќе почнам да им фаќам сеири. Можеби и ќе се здружам со малите внуци, па ќе бидам нивниот МИ5 и МИ6 пред нивните родители.
И слатко ќе се смеам.
Иво Антов