Мојот омилен непријател треба да одлучи. Гласа за себе, гласа гласно колку ли да мутира, а според важечките закони, поради тоа што е малолетен па и нема баш некое право на тој мутиран глас. Или пак има?
Значи, тинејџеров пред извесно време се појави со радикална идеја: Тато, сакам у уметничко. Опчиич. Оружјем против отмичара 3Д.
Одма тука те маваат сите градски (читај снобовски) стеротипи од типот: Тамо све наркомани, ништо не учат, ќе ја барате на железничка, ќе биде ја ви викав ама касно и си викаш сам на себе: Сило створителска ај пробај отствориме!
Супер си посакував јас децава да ми се бават со океанографија или маринска биологија, па да живеат на некое тропско острово, да го проучуваат влијанието на заслабнатото земјино магнетно поле врз китовите нарвали во Пацификот, па да им идам на гости. Ама, нормално, тие новиве луѓе што се уште ги викаме деца се некоја друга раса, со некоја загадочна биологија, а и други други кодекси, па нормално дека нема НИКАКВИ шанси да испадне така како што јас мислам и посакувам.
Татоо. Па денес се на цена дизајнери у фотошоп. И фотографи! Джнг, малата или почнала да размишља или повторно ме работи као млад мајмун . Уффффф
Дали сте подготвени или чекате минут фром дизастр?
Треба подготовките да бидат извршени на вистинскиот начин.
Ние сме тие што сме и нашиот непријател го знае тоа.
Има разни ментални сложувалки кои нас нè прават она што сме. И нормално е чувствувајќи се позрели од ситната боранија, да посакаме да им го наметнеме нашето јас, сосе нашето его, сосе сите наши афинитети и дислајкови, заборавајќи дека се обраќаме на генерацијата на која дури и Чак Норис и е антика додека возат ГТА лектира.
Каков избор и да треба да се случи, треба да биде испровоциран од нешто примамливо. Како и секој гласач на избори и нашите најслатки непријатели сакаат една те иста работа: да им биде подобро и да се чувствуваат среќни.
Родителите, бабите и дедовците, тетките и сите припадници на ерата од пред Блејдранер ретко помагаат при изборот, Тие си имаат свој филм у 2Д. Аналогна технологија. Имаат спремни анализи, стратегии и бекап решенија. Обавезно имаат и по некоја врска во некое школо која само додава тежина на и онака тешкиот избор за целото семејство.
Аргументите кои им се однесуваат на финансиската иднина на евентуалната професија секогаш сакам да ги спорам. Ако сакате и со пример: мојата генерација растеше со првиот Атари Понг, па Спектруми и Комодореа, плус касетите со програми и Телевизорот у дневна, па нели, нормално беше сите да упишеме електро пошто тоа е наука на иднината . Додека иднината да стигне тука, додека информатичкото општество да стане НЗС за оваа (а верувам и за секоја идна) влада, цела една генерација електроинжињери се пресели на понапредниот континент.
Онаа приказна за следење на традициите исто ми е моронска. Ако си нешто судија, па жена ти судија, па сите сватови судии, мислам дека на детето доволно ќе му биде згадено од монотонијата што го опкружува (нека не ми замерат судиите, примеров од еден амерички филм ми е), а и сигурен сум дека во семејство музичари би биле згрозени ќерката да им стане козметичарка, па нема да му текне да се занимава со семејната професија, ако ништо друго, од инат. Замислете колку таленти пропаднале од што им била згадена семејната професија, а можеби тие би биле најдобрите во тоа.
И јас се прашувам која професија има иднина, а која не. И пилотите, а од скоро и хирурзите стануваат заменливи со машини. Ехееј, доктор и пилот беа, и сè уште се, сериозно занимање. Ама сериозно е и производстото на храна, од орањето на нива до лупењето пиперки. Сериозни се и Полиција. И Војска, и Барса и Челси. И НАСА во Америка.
А и сите што ги познавам од уметничко се баш некои фини луѓе. И сериозни професионалци.
Како да сме мудри и да помогнеме на избирачот? Веројатно треба да ги следиме искуствата од врвните политички аналитичари и адвертајзинг могули, па студиозно на избирачот да се потрудиме да ја наметнеме нашата агенда. Агендата која би ги задоволила неговите основни потреби, но и би придонела кон сеопшт развој во семејството/држава. Ако во тоа се кријат некои себични премиси во интерес на повисокото добро, и тоа е во ред. Тоа е всушност вашата утеха.
Збунете го непријателот, испијте кафе со него. Играјте игра што вие ќе ја започнете. Всушност, занимавајте ги уште на почетокот на вашиот мандат, додека тие се мали, неискусни. Инвестирајте во нив, градете згради од коцки, правете театар од стари столици, наоружајте се со гаџети, видео игрици (има и едукативни!!!) и спортски реквизити. И секогаш имајте подготвена кампања. Ако доволно ги збуните, тогаш полесно ќе се приклонат кон средната, посигурната варијанта, онаа варијанта која и Вам повеќе ви одговара. Бидете добар политичар, и на зборови, ама и на дела.
Изборот е сепак нивен, некогаш предизвикан и од најбанални причини. Затоа бидете внимателни, особено кога треба да се направи изборот. Информирајте се за сите аспекти, информирајте ги и нив, непристрасно колку што можете. Џабе да ги лажете, ве читаат одамна. И бидете подготвени за било каков исход, како секој добар самурај.
На крајот на краиштата и средно школо може да се смени. И тоа е избор.
Иво Антов